Неидентификуван предмет паднал и експлодирал во полскиот град Осине, а сега се појавија првите снимки од безбедносните камери.
Во инцидентот нема повредени, неколку куќи се оштетени, а полицијата на самото место пронашла јагленосани остатоци од метал и пластика.
Според претставникот на локалната полиција, Марчин Јозвик, извештајот стигнал околу 2.20 часот наутро.
„На полето со пченка се пронајдени траги од експлозија на неидентификуван објект. Пронајдени се јагленосани фрагменти со разни големини, расфрлани во радиус од неколку десетици метри“, објасни тој.
Специјализираните служби во моментот ги утврдуваат деталите, а детонацијата била толку моќна што се скршиле прозорците на три блиски куќи.
Како што изјави командантот на противпожарната служба во Луково, Зенон Писиевич, немало потреба од гаснење на пожарот.
Претставници на вооружените сили на Полска објавуваат дека прелиминарната анализа на радарските системи не открила нарушување на воздушниот простор ниту од правецот на Украина ниту од правецот на Белорусија.
Понатаму се наведува дека пронајдените делови, според првите процени, може да припаѓаат на стар мотор со пропелер, објавува RP.pl.
„Во моментот нема опасност, сите се безбедни. Нивото на зрачење е измерено. Понатамошните активности на терен ќе ги водат армијата и Обвинителството. Ќе им ја обезбедиме целата потребна поддршка на жителите“, објавија локалните власти.
Според непотврдени информации од дневниот весник „Жечпосполита“, објектот што експлодирал во Осини би можел да биде беспилотно летало од типот „Шахед 131“ или „136“.
Понатамошната истрага ќе покаже што точно се случило./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...