Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини демонстрантите за насилство синоќа, во услови на бран нови антивладини протести, и рече дека државата нема намера да распореди војска и дека нема да има граѓанска војна.
Вучиќ го одржа вонредното обраќање кратко пред полноќ откако беа организирани протести во неколку градови низ Србија – особено во Нови Сад, Белград и Ниш – поради насилството на поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) врз граѓаните на претходните демонстрации во вторник вечерта во Врбас и Бачка Паланка.
Според Вучиќ, повеќе од 60 граѓани биле повредени во инцидентите во Нови Сад во среда вечерта. Тој додаде дека 16 полицајци биле повредени, меѓу кои двајца со сериозни повреди на вилицата и градниот кош.
Српскиот претседател изјави дека „се воспоставува контрола“ и дека повеќе полицајци ќе излезат на улиците.
„Вечерва е тешка вечер за граѓаните на Србија. Важно е што, благодарение на мудроста и трпението на огромен број граѓани, засега чудесно успеавме да го зачуваме мирот“, рече Вучиќ.
Тој со драматичен тон изјави дека во Нови Сад „до пред неколку минути беше прашање дали околу 300 граѓани кои ја чуваа својата куќа ќе преживеат“, алудирајќи на поддржувачите на СНС собрани пред седиштето на партијата во Нови Сад кои, како што рече, „се спротивставија на тепачите и блокадерите“.
Спротивно на изјавите на шефот на државата и полицијата, демонстрантите го тврдат спротивното – дека се обвинети за насилство, но дека всушност се синхронизирано нападнати од поддржувачи на СНС, меѓу кои, како што тврдат, има луѓе со „сомнително минато“, ангажирани да предизвикуваат инциденти и да провоцираат полициска интервенција.
Демонстрантите тврдат дека на улиците ги извела политиката на владејачката партија и српскиот претседател Вучиќ, кои упорно одбиваат да воспостават владеење на правото, да ги регулираат институциите, да спроведат истрага и да ги изведат пред лицето на правдата сите одговорни за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, кога загинаа 16 претежно млади луѓе.
Трагедијата во Нови Сад во ноември минатата година беше проследена со бран протести во кои се појави студентско движење, кое бараше уредно општество со владеење на правото и сузбивање на корупцијата, како и функционирање на институции ослободени од политички притисок и влијание.
Последното во низата барања е распишување предвремени избори, што владата досега упорно одбиваше да го стори./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...