Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), каде што доби целосна поддршка за кампањата „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост”.
„Денеска остварив важна средба со претседателот на СКСЗМ, каде ја презентирав кампањата која ја започна нашето министерство. Презентацијата опфати сé што е постигнато досега во делот на афирмацијата на кампањата”, истакна министерот Трипуновски.
Министерот изрази задоволство од позитивниот одговор на стопанската комора – „Ме радува фактот што СКСЗМ ја прифати кампањата со целосна поддршка, ова претставува важен чекор за нашите заеднички цели.”
Кампањата има јасна мисија – да им се даде препознатливост на македонските земјоделци и нивните квалитетни производи.
„Целта е да му се даде епитет на македонскиот земјоделец за производство на високо квалитетни македонски земјоделски производи. Дополнителен ефект кој го очекуваме е да им помогнеме на македонските компании кои вршат преработка на домашни земјоделски производи”, објасни министерот.
Според Трипуновски, кампањата ќе има директно влијание врз економскиот развој – „Преку оваа иницијатива ќе ја раздвижиме домашната економија и ќе ја зајакнеме позицијата на македонските производи на пазарот”.
„Како министерство, ние сме во директна комуникација со коморите од кои добиваме силна поддршка, но исто така и со маркетите. Веќе сме во фаза на дистрибуција на специјални ознаки за цени на македонски производи во маркетите”, рече Трипуновски.
„На дигиталната платформа која ја презентиравме активно тече процесот на регистрација на земјоделците, преработувачите и трговските објекти”, дециден е министерот.
Трипуновски се заблагодари на поддршка од страна на Стопанската комора на Северозападна Македонија и изрази надеж соработката да продолжи и продлабочи и во иднина.
Фото Министерство за земјоделие
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...