Русија денес соопшти дека нејзината позиција за војната во Украина не се променила откако претседателот Владимир Путин ги постави своите услови минатата година: Украина целосно да ги повлече своите сили од клучните украински области и да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО.
Путин и американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретнат во Алјаска в петок, што ќе биде првиот самит на САД и Русија од 2021 година, за да разговараат за опциите за завршување на војната. Трамп рече дека двете завојувани страни ќе мора да разменат дел од териториите што моментално ги држат за да се случи тоа.
Русија моментално контролира 19 проценти од Украина, вклучувајќи го целиот полуостров Крим, целиот регион Луганск, над 70 проценти од регионите Донецк, Запорожје и Херсон, и помали делови од регионите Харков, Суми, Николаев и Дњепропетровск.
По некои медиумски извештаи дека Вашингтон верува оти Путин е подготвен да направи компромис кога станува збор за територијални претензии, новинарите го прашаа портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Алексеј Фадеев, дали ставот на Русија се променил.
„Ставот на Русија останува непроменет, а беше изразен во оваа сала пред малку повеќе од една година, на 14 јуни 2024 година“, рече Фадеев, осврнувајќи се на говорот на Путин во министерството.
Потоа шефот на Кремљ ги изложи своите барања, вклучително и повлекување на украинските трупи од деловите на регионите Доњецк, Запорожје и Херсон што тие сè уште ги држат, што беше негов прв јавен коментар за евентуален мировен договор.
Путин, исто така, рече дека Киев ќе мора официјално да ја извести Москва дека се откажува од своите планови за влез во НАТО и дека има намера да остане неутрален и неврзан.
Покрај тоа, Путин рече дека правата и слободите на руските говорници во Украина мора да бидат гарантирани, како и „реалноста“ дека Крим, Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон сега се дел од Русија. Путин рече дека неговите услови ќе мора да бидат одразени и во меѓународните договори.
Во времето на неговиот говор во 2024 година, Украина ги отфрли тие барања, нарекувајќи ги апсурден ултиматум. Украина постојано повторуваше дека нема да ја признае руската окупација на нејзината територија, а повеќето земји ја признаваат украинската територија во рамките на нејзините граници од 1991 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија мора да се согласи на прекин на огнот пред да разговара за територијални прашања. Тој рече дека ќе го отфрли секој руски предлог Украина да ги повлече своите војници од источниот регион Донбас и да ги предаде своите одбранбени позиции.
Зеленски денес пристигна во Берлин, каде што се среќава во живо со германскиот канцелар Фридрих Мерц, а заедно со него на видеоконференција со европските лидери, шефот на НАТО и американскиот претседател Доналд Трамп.
Пред видео повикот, Трамп напиша на платформата Truth Social дека „европските лидери сакаат да постигнат договор“ и дека тие се „одлични луѓе“./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...