Прес-конференција, Трајче Стојчевски, претседател на СДММ:
Скандалот со злоупотребата на полицијата за партиски цели во Демир Хисар јасно потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ не бира средства за да ги заплашува граѓаните пред изборите.
Но, времето кога некој се плашеше од ваквиот кукавичлук на ДПМНЕ е одамна минато.
Граѓаните масовно се спротивставија на ова насилство на полицијата и застанаа на страната на правдата во овој случај на полициска злоупотреба за партиски цели.
Откако Обвинителството вчера јасно потврди дека немало наредба ниту налог за приведување на директорката, денес бараме итно Обвинителството да покрене постапка за кривична одговорност на партискиот послушник – началникот Роберт Мартиновски.
Мартиновски, човек на Тошковски и поставен уште од првиот ден на неговото доаѓање на министерската функција, е очигледно ударната тупаница на ДПМНЕ за заплашување на граѓаните и малтретирање пред избори.
Обвинителството не смее да молчи – постапка мора да се покрене веднаш. Согласно законот, кривично мора да одговара Мартиновски, без никаква дилема!
Понатаму, инспекторот Ѓорѓи Митревски, кој бил унапреден истиот ден кога се случил настанот, наместо да раководи со претресот, му дозволил на Мартиновски да го преземе водењето. Прашуваме – по чиј налог? Дали по налог на некој близок до Тошковски за да се врши терор?
Што уште треба да се случи за Тошковски да понесе одговорност за распадот и злоупотребите што ги прави полицијата?
Дали со тоа потврдува дека овој случај е под негов диктат? Дали ќе се огради директно од Мартиновски и ќе покрене кривична постапка против својот началник? Нели велеше дека „брат да му е’ ќе одговара?
Почитувани граѓани,
Тошковски демонстрира сила врз жена директорка која е болна, што е потврдено од лекар, но ги брани насилниците и криминалците поврзани со ВЛЕН кои вршат насилство во Чаир врз државни службеници.
Тошковски наредува да се апси жена без налог, но истовремено нема проблем да шетаат слободно познати криминалци како Ѓаволот, баран со потерница.
Тошковски и Мицкоски мижат пред криминалот на ВЛЕН тежок 225 милиони евра, молчат за десетици скандали со местени тендери, ама немаат проблем за предизборни партиски цели да малтретираат болна жена за да ја сменат. Ова е дефиниција за политички кукавичлук и грозен пример на политичко насилство.
Тошковски не донесе ништо друго освен селективност, неправда и полиција во заштита на криминалот и партијата.
СДСМ бара:
• Панче Тошковски да не го забошотува случајот со внатрешна контрола и да не ја замајува јавноста.
• Началникот Мартиновски веднаш да биде разрешен, а МВР да му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
• Основното јавно обвинителство во Битола мора да реагира, да ги истражи сите аспекти на незаконското постапување на полицијата и кривично да ги гони сите инволвирани.
• Дополнително, целиот случај со прогонот на Лозановска мора да биде санкциониран.
• Одговорност мора да понесе и Панче Тошковски затоа што тој е виновен за началниците кои ги назначува.
Ова што се случува во МВР е скандал по скандал – потврда за опасноста од партизација на полицијата со новиот закон, што доведува до ерозија на правниот систем.
Кога полицијата е злоупотребена, правдата е парализирана. Нема правда со ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски – има само селективност и злоупотреби на полицијата за партиски цели.
Линк до видео: https://youtu.be/hDcHcTjVhlM
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...