Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на Фондот за техничка документација (ФТД) го отвори Третиот повик за поддршка во изработката на техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти од областа на животната средина.
Фондот за техничка документација претставува инструмент за финансиска и техничка поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти на локално, меѓуопштинско и регионално ниво кој е воспоставен преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од страна на Шведска и Бирото за регионален развој.
Во рамките на овој повик предвидени се околу 500,000 американски долари за изработка на техничка документација за најмалку 10 приоритетни капитални проекти на локално ниво наменети за општините и центрите за развој на планските региони.
Средствата се наменети за проектантски, ревидентски и други консултантски услуги. Со оглед на општинските потреби, приоритет во овој повик им се дава на проекти од областа на животната средина како што се управувањето со цврстиот отпад, одведувањето и третманот на отпадните води и проекти за намалување на загадувањето на воздухот и емисијата на стакленички гасови од сообраќајот и јавните објекти.
Рокот за доставување на барањата за финансирање на техничка документација е 09 септември 2025.
Целокупниот повик и формуларите за аплицирање се достапни на следниот линк:
https://www.undp.org/north-macedonia/news/third-call-technical-documentation-funding
До сега преку претходните повици на ФТД изработени се 90 технички документации, со вкупна инвестициска вредност од 100 милиони американски долари.
Проектот се спроведува во партнерство на УНДП со Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, и во соработка со ЗЕЛС, општините и центрите за развој на планските региони во државата.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...