6. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Одземен претседателскиот мандат на Милорад Додик: тој веднаш одговори

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот на правосилно осудениот претседател на Република Српска, Милорад Додик. Одлуката беше донесена едногласно на денешната седница.

Додик е осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење службени функции, потсетуваат медиумите во регионот.

Според Изборниот закон на БиХ, на секој што ќе биде осуден на правосилна затворска казна од шест месеци или повеќе, ќе му биде прекинат мандатот.

Одбраната на Додик има право да поднесе жалба на оваа одлука до Апелацискиот оддел на Судот на БиХ, кој ги разгледува изборните жалби. По завршувањето на жалбената постапка, одлуката ќе биде конечна, објавува „Кликс“.

По тоа, ЦИК, во законскиот рок од 90 дена, мора да распише предвремени избори за претседател на ентитетот РС.

„Уште едно срa*е од Сараево. Последното“, напиша Додик на „Икс„ по одлуката на ЦИК.

Додик претходно објави дека додека е претседател на РС, нема да дозволи предвремени избори.

Суад Арнаутовиќ, член на Централната изборна комисија на БиХ, изјави дека поради разните толкувања на правните експерти, постојат сомнежи за постапките на ЦИК по пресудата на Додик.

„Донесуваме декларативна одлука според одредбите од законот. Како што е случајот според член 1.10 од Изборниот закон, кога некој ќе почине, кога некој ќе поднесе оставка и кога некој ќе биде осуден. Ние дејствуваме според силата на законот, нема можност ЦИК да не ја спроведе оваа одлука“, рече Арнаутовиќ.

Исто така, ЦИК побара од надлежните полициски органи да обезбедат полициска заштита на своите членови откога биле под притисок пред наведената одлука, пишува „Н1 БиХ“.

Инаку, Додик од 2010 година трипати ја извршуваше функцијата претседател на РС, со исклучок на периодот од 2018 до 2022 година кога беше член на Претседателството на БиХ, пишува „Дневни аваз“./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Српскиот министер кој доживеа мозочен удар во емисија е свесен, но сè уште е во критична состојба

C +

Маж од Загреб сексуално злоставувал 12-годишно девојче: кога му се спротивставувала тој ја тепал

C +

Поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, излезе од затвор

C +