Претседателот на Русија, Владимир Путин, е отворен за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само откако на стручна основа ќе се одржат подготовителни разговори, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
Песков истакна дека подготовките за таков состанок сè уште не започнале. Додаде дека не е исклучена можноста Путин оваа недела да се сретне со посебниот претставник на претседателот на САД, Стив Виткоф.
„Разговорите продолжуваат, а САД и натаму вложуваат напори како посредник во барањето решение за украинскиот конфликт. Тие напори се важни, особено поради долготрајниот застој во директните преговори меѓу Русија и Украина. Работиме на тоа и остануваме на ставот дека најдобар исход за нас е политичко и дипломатско решение на украинското прашање“, рече Песков.
Путин претходно изјави дека ја поддржува идејата за долготраен мир во Украина, додавајќи дека сите досегашни разочарувања во преговорите се резултат на преголеми очекувања.
Тој ги повтори и своите услови за прекин на војната: неутрален статус на Украина, откажување од членство во НАТО и повлекување на украинските сили од Донецк, Луганск, Херсон и Запорошка област.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за средба со рускиот врв на највисоко ниво доколку Москва навистина сака да ја заврши војната и да постигне траен мир./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...