3. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Турција се вооружува како никогаш досега – борбени авиони, беспилотни летала, тенкови и воени бродови

Турција во последните недели презеде сериозни чекори за зајакнување и модернизација на војската. Германската влада конечно се согласи да испорача 40 авиони „Еурофајтер Тајфун“ на Анкара, а Турција претходно побара од Америка ист број борбени авиони Ф-16. Ова вооружување доаѓа во време на промени во безбедносната ситуација во Европа, но и на Блискиот Исток.

Турција сака да ја зајакне својата позиција како регионална сила и да ја намали зависноста од странски добавувачи на воена опрема. За овие цели, земјата предводена од Реџеп Таип Ердоган инвестира милијарди во сопствено производство, но фокусот е ставен и на купување оружје од странство.

Германија одобри испорака на „Еурофајтер“

Неодамна, по неколку години политички ќорсокак, беше обновена набавката на американски авиони Ф-16 Блок 70. Покрај тоа, Анкара набавува софистицирани системи за воздушна одбрана, електронска опрема и мотори од Јужна Кореја, Италија и Велика Британија.

Но, она што Ердоган го сакаше долго време, а на што Берлин остро се спротивстави, се авиони од типот „Еурофајтер Тајфун“. Тие треба да се склопуваат во Велика Британија, но со делови од Германија. Берлин се согласи да испорача 40 авиони на Анкара, по повеќегодишен застој.

Сега се водат преговори за купување на овие борбени авиони, кои ги произведува конзорциум од Германија, Велика Британија, Италија и Шпанија, претставен од компаниите „Ербас“, „БАЕ Системс“ и „Леонардо“.

Ердоган рече дека Турција сака да ги добие овие авиони што е можно поскоро.

Модернизација на турската армија

Турската армија, втора по големина во НАТО алијансата, моментално е во процес на трансформација од бројно доминантна во технолошки напредна и агилна воена машина. Клучен дел од тој план е потпирањето на домашната воена индустрија.

Најдобар пример за турскиот воен успех се беспилотните летала, првенствено моделите Bayraktar TB2 и AKINCI, произведени од компанијата „Bajkar“. TB2 се покажа како ефикасен во конфликтите во Либија, Сирија, Нагорно-Карабах и Украина, што ја прави Турција глобален играч во индустријата за беспилотни летала.

Покрај тоа, Анкара го претстави својот борбен авион од петта генерација – KAAN, кој влезе во фаза на тестирање во 2023 година. Се очекува авионот, доколку ги оправда очекувањата, да ја намали зависноста на Турција од американските F-16, особено откако Турција беше исфрлена од програмата F-35 поради купувањето на руските системи S-400.

На копно, Турција го развива тенкот Altaј, нов главен борбен тенк кој треба да ги замени застарените германски Leopard 1 и американскиот „М60“. Во поморскиот сектор, се гради десантниот брод TCG Anadolu, првиот турски брод со можност за носење борбени беспилотни летала, хеликоптери и маринци.

Зошто Турција се вооружува?

Постојат неколку фронтови што Ердоган ги смета за непријателски и за кои се зајакнува воениот капацитет:

1. Курдски сепаратисти: Конфликтите со Курдската работничка партија (ПКК) во југоисточна Турција и северен Ирак и Сирија траат веќе 40 години
2. Сирија: Турција има силно воено присуство во северна Сирија, каде што контролира неколку гранични зони и го спречува ширењето на курдските милиции поврзани со ПКК.
3. Грција и Источниот Медитеран: Споровите околу поморските граници, воздушниот простор и правото на експлоатација на природните ресурси во Источниот Медитеран дополнително ја мотивираа Турција да ги зајакне своите морнарици и воздухопловни сили.
4. Јужен Кавказ: Анкара го поддржува Азербејџан во регионалните тензии со Ерменија, вклучително и воената соработка и договорите за извоз на турска опрема
5. Геополитичка конкуренција со Америка и Русија: Иако е членка на НАТО, Турција сè повеќе води независна надворешна политика. Соработката со Русија во енергетиката и одбраната, заедно со паралелното одржување на воените врски со Украина, ја позиционираше Анкара како идеален посредник.

Тензиите со Израел

Сепак, најголемите тензии во моментов постојат на линијата Анкара-Тел Авив, особено по бурната реакција на Израел на купувањето американски авиони.

Висок израелски функционер изјави дека овој потег на Турција би можел да се искористи за офанзивни цели против неговата земја, но може да ја загрози и регионалната стабилност. Тој рече дека „Израел ќе преземе чекори за да ги спречи овие намери доколку е потребно“, нагласувајќи дека „Анкара се стреми да го врати своето отоманско влијание, вклучително и во Ерусалим“.

Тој се осврна на „можноста за воена конфронтација со Турција“, која ја опиша како „далечна, но растечка“ , нагласувајќи дека „приоритет е да се избегне ескалација“.

Ердоган е еден од ретките светски лидери кој го обвини Израел за „масакрот“ во Газа.

Од друга страна, Израел ја обвинува Турција дека претставува безбедносна закана поради наводите дека милитантната група Хамас ги планира своите операции од Истанбул./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

„Среќни се ако јадат сув леб“ – трогателно сведоштво за брат и сестра во Газа кои гладуваат со недели

C +

Техеран се соочува со историска водна криза: „нултиот ден“ сè поблиску

C +

Силен земјотрес во Русија, издадено ново предупредување за цунами: „Бегајте од брегот“

C +