2. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Словенија воведе ембарго на оружје кон Израел

Словенечката влада на вчерашната седница, по предлог на премиерот Роберт Голоб, донесе одлука со која се забранува извоз и транзит на воено оружје и опрема од или преку Словенија за Израел. Исто така, се забранува и увоз на оружје од Израел.

Со оваа одлука Словенија стана првата европска држава што воведува целосна забрана за увоз, извоз и за транзит на оружје поврзано со Израел, истакнаа од кабинетот на премиерот, пренесе „Н1 Словенија“.

Откога Словенија пред две недели ги прогласи израелските министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир за непожелни личности, владата донесе нови санкции против Израел поради насилството и кршењето на човековите права на Палестинците во Појасот Газа и на Западниот Брег.

Новата одлука следува по најавите на премиерот Голоб, кој повеќепати порача дека Словенија ќе дејствува самостојно доколку ЕУ не усвои конкретни мерки до средината на јули.

„Европската Унија, поради внатрешни несогласувања и неединство, моментно не е способна да ја исполни оваа задача“, соопшти словенечката влада.

„Луѓето во Газа умираат бидејќи системски им се оневозможува пристап до хуманитарна помош. Умираат под урнатини, без пристап до пивка вода, храна и основна здравствена нега. Станува збор за целосно блокирање на хуманитарниот пристап и свесно спречување на основните услови за преживување. Во вакви околности должност е на секоја одговорна држава да дејствува, дури и ако тоа значи да чекори пред другите“.

Словенија, како што се наведува, доследно и принципиелно се залага за почитување на меѓународното право и заштита на човековите права. Владата најави дека во следните недели ќе подготви дополнителни национални мерки против актуелната израелска влада, чиј начин на дејствување претставува сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.

Министерството за надворешни работи на Словенија во четвртокот ја повикало израелската амбасадорка во Љубљана, Рут Коен-Дар, на разговор и ѝ доставило протест поради неодржливата хуманитарна катастрофа во Газа, предизвикана од ограничувањето на пристапот до итна хуманитарна помош./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Мухамед е најпопуларното име за момчиња во Англија, втора година по ред

C +

Франција почна со достава на хуманитарна помош од воздух во Газа

C +

Рубио за Путин: Трамп нема да чека вечно

C +