1. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Трајчулески до Николовски: Зошто ја стопиравте пругата кон Бугарија и ја оштетивте државата за 60 милиони евра?

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, а се однесуваше на одлуката на Владата да ја стопира изградбата на железничкиот коридор 8 кон Бугарија, со што се изгубени 60 милиони евра неповратни средства од Европската унија.

Трајчулески посочи дека, и покрај тврдењата на Владата за економска неисплатливост, година подоцна повторно се зборува за истиот проект, без нови анализи и со изгубено драгоцено време. Воедно, тој побара одговор дали е побарана европска поддршка за изградбата на коридорот 10, или Владата ќе продолжи да ја задолжува државата и да го игнорира потенцијалот за користење грантови од ЕУ.

Во продолжение следува интегрален текст од прашањето:

Почитуван министер, една од првите одлуки која ја донесе оваа Влада беше стопирање на изградбата на железничката пруга кон Бугарија, поточно железничкиот коридор 8.
Изговорите на владата беа дека оваа пруга нема економска исплатливост за државата, дека завршува во слепа улица во тунел, дека ќе ги пренасочите средствата за изградбата на коридорот 10 кој е економски поисплатлив за Македонија и слично.
Епилогот од оваа блокада се веќе изгубени 60 милиони евра неповратни средства од Европската унија за овој проект. Само да потсетам дека железничкиот коридор 8 покрај што има огромно економско значење за нашата држава, истиот има сериозна безбедносна димензија и е многу важен за безбедносната архитектура на Европската унија и НАТО.
Една година подоцна, гледаме дека повторно се зборува за продолжување на изградбата, по истиот проект, со истиот тунел, само што денес имаме изгубено една цела година и изгубени 60 милиони евра од ИПА претпристапните фондови.
Во однос на железничкиот коридор 10 кој е дел од договорот со Британија со јавноста е споделено дека индикативната вредност би била од 1 милијарда и 600 милиони до 1 милијарда и 900 милиони евра.
Индикативна разлика од 300 милиони евра. А при тоа не е споделена со јавноста ниту студија за изводливост ниту кост бенефит анализа на проектот, туку само паушално се лицитира со бројки
И што е најсуштински, коридорот 10, како и Коридорот 8 се паневропски коридори на главната мрежа на европски коридори.
На Македонија како кандидат за членство и стојат на располагање сериозни суми неповратни средства од европската унија, особено за овие паневропски коридори.
Само за споредба, на соседна Србија за истиот овој коридор 10, делницата од Белград до Ниш и се обезбедени 600 милиони евра неповратни средства од ЕУ.
Погледнете ги искуствата од земјите од претходните проширувања, најмногу неповратни средства имаат искористено во делот на инфраструктурата.
А ќе се согласиме сите дека не е исто и суштински е различно да користите неповратни средства или само да ја задолжувате државата и идните генерации.
Македонија како мала по обем економија го нема тој луксуз да не користи неповратни, грант средства кои и стојат на располагање.
Моето прашање е дали имате поднесено барање до Европската унија за обезбедување на неповратни средства за коридорот 10, и на овој начин да го намалите финансискиот товар за сегашните и идните генерации и да се обезбедат фер и транспарентни постапки за реализација на овој проект, контролирани од европската унија.
Или ќе останете на стратегијата дека нас ЕУ не ни треба, дека можеме сами и со кредити и на тој начин да ја доведете државата и граѓаните до должничко ропство.

Можеби ќе ве интересира

Мицкоски вели дека во споредба плата-трошоци за живот, подобри сме од Грција, Португалија, Кипар, Унгарија…

ДЕСК

Голема полициска акција вечерва кај патарината кон Куманово, сообраќајот во колапс

ДЕСК

СВЕЖО И НЕСТАБИЛНО ВРЕМЕ И СЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ, ОД ВТОРНИК ПРЕСВРТ – Метеоцентар со неколкудневна прогноза

ДЕСК