1. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Чиј е македонскиот ветер – личен бизнис интерес на премиерот Мицкоски или енергија за граѓаните?

Соопштение на СДСМ:

По повод изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, во која тој со најавува дека голем светски бренд ќе купува електрична енергија произведена од ветерниот парк на „Алказар енерџи“, чувствуваме обврска да реагираме и со длабоко разочарување да констатираме дека Владата очигледно ги има помешано приоритетите.

За жал, наместо македонскиот ветер, кој претставува национално и општо добро, да се користи за стабилизирање на енергетскиот систем и за обезбедување поевтина електрична енергија за македонските граѓани и домашните компании, Владата се фали со тоа што овој ресурс ќе му овозможи профит на приватен инвеститор кој енергијата ќе ја продава на странски гигант.

Ова е класичен пример како националните ресурси се ставаат во функција на приватни бизниси и туѓи интереси, додека народот, на чиј грб се прават овие бизниси, останува само нем набљудувач.

Додека граѓаните се соочуваат со високи сметки за струја и неизвесност, Владата промовира модел каде што богатството создадено од македонското сонце и ветер ќе заврши директно во рацете на приватни компании, без јасна и директна корист за оние на кои тоа богатство им припаѓа – граѓаните на Македонија.

Наместо да се слави, оваа најава отвора сериозни и болни прашања:

* Која е директната корист за македонскиот граѓанин? Дали оваа инвестиција ќе ги намали сметките за електрична енергија за домаќинствата и за македонското стопанство?

* Зошто државата не обезбедила механизам со кој произведената енергија од стратешки инвестиции првенствено ќе се понуди на домашниот пазар за да се задоволат националните потреби по поволни цени?

* Дали ова значи дека Македонија ќе стане само платформа за производство на евтина енергија за богатите западни пазари, додека нашите граѓани ќе продолжат да плаќаат скапа струја?

Природните богатства на Македонија, вклучувајќи го и ветерот, мора да бидат во служба на македонските граѓани.

Секоја инвестиција, особено во стратешкиот сектор енергетика, мора како врвен приоритет да го има јавниот интерес.

Сè друго е распродажба на националните ресурси и работа директно против интересите на сопствениот народ.

Дополнително, сакаме јавно да го прашаме Мицкоски бидејќи многу е среќен што им давал предлози на приватните инвеститори, а не на државната ЕСМ, за државните проекти:

Дали за овој проект е издадено одобрение за градење? Доколку е издадено, бараме од надлежната институција која го издала – без разлика дали е тоа Министерството за транспорт и врски, Општината или друг орган – истото веднаш и без одлагање да го објави јавно.

Нашата загриженост се темели на официјалната временска рамка на процедурите. Согласно дописите и јавните објави, јавната расправа и анкета по предлог-Урбанистичкиот план за овој проект траеше заклучно со 2 јуни 2025 година.

Оттука, произлегува логичното прашање: Како е возможно во толку краток временски период по завршувањето на јавната анкета, да се разгледаат сите евентуални забелешки од јавноста, да се финализира и усвои планот, да се поднесе барање за одобрение за градба и истото да биде издадено и да стане правосилно?

Законските процедури за издавање на одобрение за градба, особено за проекти од ваков обем, бараат време и вклучуваат повеќе фази кои не можат да бидат завршени за само неколку недели.

Секое избрзување на постапката отвора сомнеж за нетранспарентност и можно кршење на законите.

Поради тоа, инсистираме на одговорност и бараме:
– Јавно објавување на комплетното одобрение за градење, доколку такво постои, со сите прилози и согласности кои се дел од него.
– Јавно соопштување од страна на надлежниот орган кој го издал одобрението, со детално образложение за целосната постапка и почитувањето на законските рокови.

Можеби ќе ве интересира

ВЛАСТА НАЈАВУВА ТРАЈНА КОНФИСКАЦИЈА НА ВОЗИЛА ОД 2026-ТА ЗА БЕЗОБЗИРНИТЕ ВОЗАЧИ: Нивните макотрпно заработени возила ќе бидат донирани по министерства и државни институции

ДЕСК

Функција наместо кауза – Ралев ги погази сопствените вредности

C +

Дали на Ралев сега ќе почне да му се допаѓа Скопје 2014?

C +