1. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Очекуваме уште поголем бран инвестиции откако ќе го завршиме делот на преговори со САД за трговијата меѓу двете земји

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање дали може да се очекуваат засилени домашни и странски инвестиции, откри дека очекува засилен бран на инвестиции по преговорите со САД за трговија, но и за плановите и ангажманот на владата за привлекување на инвеститори во воената, медицинската и индустријата за батерии, со што би пораснал БДП, би пораснал извозот и би се сменило портфолиото на државата.

„Еден од успешните примери, успешна приказна е нова голема инвестиција токму на „Алказар“, од половина милијарда долари. Втор пример успешен, доколку овој меморандум за разбирање се операционализира што не се сомневам, е и „Акса груп“,од една милијарда евра, но истовремено е и потврда на други инвестиции коишто веќе ги објавивме изминатиот период, а коишто почнуваат или се во фаза на носење одлука за отпочнување на инвестирање тука и очекувам тој бран да се засили откако ќе го завршиме делот на преговори со САД за трговијата меѓу двете земји. Од тоа што го имаме како информација, веќе 8 инвестиции се потврдени дека до крајот на годината или отпочнуваат или ќе објават дека имаат донесено одлука за отпочнување инвестиција кај нас. Тоа е последната бројка којашто вчера ја добив од директорот на ТИРЗ, кој што вчера ми соопшти две добри вести.“

„Едната добра вест е дека компанија која што веќе кажа дека ќе инвестира во фарма бизнисот, дека ќе ја зголеми својата инвестиција за 60-тина проценти, а втората е во делот на индустријата за електрични батерии, којашто исто така е потврдена, но да оставиме тие самите да објават, па ние да ги потврдиме. Но истовремено очекувам покрај овие 8 инвестиции и неколку инвестиции коишто ќе ги направат и компаниите кои што веќе се присутни кај нас. Такви очекувам најмалку три, кои што ќе го зголемат извозот за дополнителни половина милијарда долари.“, истакна премиерот Мицкоски на пратеничко прашање за евентуални очекувања за нови странски директни инвестиции во Македонија.

„Кога станува збор за СДИ, тука немаме никакви дилеми дека продолжуваме да бидеме партнер на инвеститорите, да ги фасилитираме разговорите, со дел од нив којшто изгубиле надеж и се обиделе кај некои од нашите соседи, па се враќаат затоа што гледаат дека климата тука е променета, односот е различен, нема веќе „едно ваму, едно таму“, туку односот е искрен. Сакаме да помогнеме, со подадена рака, сите во владата работат да помогнат и МНР и надворешна трговија и министерството за транспорт коешто е во делот на урбанизација, министерствата за финансии, за економија, владата, секретаријатот, буквално сите коишто се директно или индиректно врзани со делот на надворешната трговија и економијата.“,посочи Мицкоски.

Премиерот во својот одговор на пратеничко прашање, премиерот посочи и на дел од развивање на нов модел на привлекување на инвеститори од воената индустрија.

„Заедно со МО и МВР во периодот кој што следи ќе се обидеме да развиеме еден нов модел на привлекување на инвеститори во воената индустрија. Сите сигнали кои што доаѓаат од членките на НАТО Алијансата се такви да пазарот на оружје драматично ќе доживее развој во годините кои што следат, бидејќи се зголемуваат трошоците во делот на одбраната. Тука станува збор за трилиони, илјадници милијарди долари кои што годишно ќе се трошат, и би било наивно како држава да не го препознаеме тоа и да не обезбедиме таков тип на посебни зони подготвени да производителите произведуваат воена опрема и оружје. Тоа не се воени зони, туку зони подготвени да прифатат инвеститори што инвестираат во воена опрема и оружје.

Навистина би било од наша страна наивно да не го препознаеме тоа, и да не ги привлечеме.“, потенцираше Мицкоски којшто откри дека веќе има разговори во овој дел, што драматично ќе допринесе во економијата.

„Веќе имаме разговори со неколку такви потенцијални инвеститори коишто ја препознаваат земјава како потенцијален домаќин, и ние како влада сакаме да креираме, да определиме неколку такви локации кадешто ќе развиваме таков тип на зони што драматично ќе се влијае на БДП затоа што инпутот, увозот ќе биде многу помал споредено со извозот, бидејќи извозот на таков тип на опрема и производи е со голема додадена вредност, а тоа е тоа што влегува во крајната пресметка на БДП. Ако имаме 200 или 300 милиони увоз, извозот ќе биде повеќе од една милијарда, бруто позитивата ќе биде на наша страна.“, истакна премиерот.

Покрај во воената индустрија, премиерот Мицкоски посочи и на размислувања во делот на медицинската индустрија и во делот на производство на батерии.

„Покрај стандардното портфолио што го имаме, автомобилската индустрија, сега се обидуваме во фарма делот во медицината, тука сме посебно фокусирани бидејќи населението во Европа старее, за жал, но тоа значи дека има потреба од палијативна нега, зголемени медицински услуги и така натаму, што значи дека и тука ќе имаме зголемена потрошувачка во годините коишто следат. Затоа ќе треба тука да се насочиме да привлекуваме инвеститори коишто ќе произведуваат медицинска опрема, стентови, анализите велат дека повеќе од половина од луѓето имаат кардиоваскуларни проблеми посебно во поодминатите години.

Така што, ќе треба тука да се фокусираме, на медицинска опрема којашто ќе додава вредност во нашата економија, во делот на производството на оружје, опрема и муниција, во делот на батерии во енергетиката, тоа е иднината, обновливите извори на енергија и складирање во батерии, така што многу сериозно анализираме размислуваме и се обидуваме тука да им пристапиме на компаниите да не препознаат како дестинација којашто малку ќе го дивергира нашето портфолио од автомобилска индустрија во една друга индустрија којашто во годините што следат на пазарот ќе биде побарувана, а тоа е воената индустрија, медицинската индустрија и производство на батерии коишто ќе бидат неопходни за складирање на електрична енергија произведена од обновливи извори.“

Премиерот Мицкоски во делот на домашните инвеститори, се повика на информација од Народната банка за зголемена побарувачка на кредити за инвестирање од домашните компании и направи споредба со податоците во ЕУ.

„Што се однесува до домашните инвеститори, важен дел е порастот на кредити кои што го земаат домашните компании за да инвестирааат. Во првиот квартал тој пораснал за околу 12 проценти, 11,8% е податок од НБРМ. Како бројка можеби не значи ништо, но таа бројка во ЕУ е 2,5 проценти, за споредба. Во 2018 година, била 5,4 проценти, во 2019 г. 6 проценти, што значи дека е дуплирана. Тоа покажува дека имаме интерес и за домашните инвеститори, а во најголема мера е благодарение на кредитот којшто го земавме од Унгарија и евтината камата којашто ја дадовме на инвеститорите за да заедно со оние шроизводи што ги нудат домашните комерцијални банки направат едно инвестициско портфолио и сега имаме раст од 12%.“,нагласи премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање за очекувањата во делот на домашните и странските инвестиции.

Можеби ќе ве интересира

ВЛАСТА НАЈАВУВА ТРАЈНА КОНФИСКАЦИЈА НА ВОЗИЛА ОД 2026-ТА ЗА БЕЗОБЗИРНИТЕ ВОЗАЧИ: Нивните макотрпно заработени возила ќе бидат донирани по министерства и државни институции

ДЕСК

Функција наместо кауза – Ралев ги погази сопствените вредности

C +

Дали на Ралев сега ќе почне да му се допаѓа Скопје 2014?

C +