Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој воедно е и координатор на Кризниот штаб за справување со пожарите кој ќе одговара од власта за катастрофата со пожарите и тоа што изгоре 20% од територијата на државата.
Лукаревска ја обвини Владата за катастрофален неуспех во справувањето со пожарите и предупреди дека Македонија е прва во Европа по изгорена територија во однос на големината на земјата – со 95.000 хектари уништени шуми и пасишта. Тоа е еколошка и национална трагедија со трајни последици, додека Владата се крие зад изговори, дезинформации и пропуштени мерки.
Во продолжение интегрален тест од пратеничкото прашање:
Ќе поставам пратеничко прашање од висок јавен интерес во овој момент, нешто кое убедена сум дека не загрижува сите и алармира на катастрофа од невидени размери.
Го упатувам до министерот за внатрешни работи, г. Панче Тошковски, кој воедно е и координатор на Кризниот штаб за справување со пожарите.
Министре, Македонија со недели гори. Треба или да се молиме да заврне дожд, или да дојде помош од Европа, од Словенија или од друга пријателска земја. Владата, буквално целосно потфрли во справувањето со пожарите.
Гори земјата што ја сакаме,горат шуми и планини, кои се наши најголеми природни богатства и по кои сме препознатливи во светот, горат пасиштата од кои егзистираат генерации семејства. Навистина една жална слика.
Во изминатите 2 години се случува катастрофа од историски размери какви што досега не паметиме. Не е само еколошка криза, ова е национална трагедија со трајни последици.
И минатата и оваа година граѓаните на терен гледаат иста слика — се доцни со навремена реакција, тотална неорганизираност, без план, без стратегија, без превенција.
Во опозиција ветувавте нов систем, нова опрема, зајакнување на капацитетот на пожарникарите, ново вработени пожарникари ,промовиравте стари воени возила и ветивте дека спремни ќе ја дочекате оваа година.
На терен ништо од тоа што ветувавте, напротив . Нема нова опрема, нема нови противпожарни возила, колапс на системот.
Има само пустош. Тоа не е патриотизам, тоа е предавство министре.
Што велат бројките, колкави се размерите на оваа катастрофа која што ја дозволивте ?
Според европската статистика, Македонија е прва во Европа по изгорена површина во однос на територијата.
Во 2024 година изгореле 95.181 хектар македонска шума и пасишта.
Осум пати повеќе од просекот во изминатите 17 години.
Повеќе дури и од земји како Шпанија, Италија, Франција – кои се неколкукратно поголеми од нас.
Еве ја таа статистика, јавно достапна. Во Португалија, изгореле околу 140 илјади хектари, во Турција, околу 119 илјади хектари а, во Македонија има 95 илјади хектари изгорена површина.
Португалија е значително со поголема површина од 92.000 километри квадратни површина, Турција има речиси 800.000 километри квадратни, а Македонија околу 25.000 километри квадратни површина.
Во однос на површината на земјата во Македонија има изгорено убедливо најмногу територија на ниво на Европа! Тоа е шокантен, трагичен факт.
И трагедијата не застанува. Напротив – се шири.Секојдневно слушаме на нови пожари и тоа на нови територии. Го слушаме и директорот Ангелов, секој ден објаснува , но ефект нема.
Секој ден нов пожар, ново уништување. Планини, шуми, викендици, а за жал сите бевме сведоци дека имаше и жртви.
Изгорени се веќе повеќе од 20% од вкупната површина на шуми и пасишта во државата.
Тоа не е бројка, тоа е поразително.
А наместо реални мерки, вие се криете зад смешни изговори.
Еднаш беа крави, другпат скакулци, се измислуваат лажни фотографии, се прават монтажи.
Секој ден нова лага, секој ден нова дезинформација.
Министре, Вие сте координатор на Кризниот штаб.
Лани добивме уверување дека годинава ќе бидеме најподготвени.
Зошто не сте подготвени, зошто дозволивте да изгори 20% од територијата на земјата?
Нема пари за пожарникарите ама има седум милиони евра за службени телефони. Има Владата за приватни авиони, ПР кампањи и сл.
Ги одбивте сите предлози и амандмани на СДСМ, предлагавме 500 милиони денари за вработување нови пожарникари и набавка на опрема.
Вие – од инает, од ароганција, го одбивте тоа. И денес катастрофа, 20% од територијата е пепел.
Граѓаните гледаат како Македонија сама се брани од пламените, дека државата е оставена на цедило.
Затоа, моето прашање до министерот Тошковски е конкретно,во име на целата уништена природа, во име на сите пожарникари што без опрема се борат со пекол. Во име на сите граѓани што останаа без државна поддршка.
Кој од власта ќе ја понесе одговорноста за оваа катастрофа, предизвикана од пожарите?
Линк до видео: https://youtu.be/gLYWI_T1B_k?feature=shared
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...