Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-БИЗНИС

Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика

Се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика ‒ каматните стапки се непроменети

На 29 јули 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше одлучено каматните стапки да бидат непроменети, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, соодветно на условите во економијата и на ризиците коишто произлегуваат од надворешното и домашното окружување. Целокупниот сет досегашни мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочен кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на поставеноста на монетарната политика во еврозоната, ЕЦБ на состанокот во јули донесе одлука за задржување на каматните стапки на тековното ниво.

Во услови на стабилен девизен пазар, движењето на инфлацијата и натаму е во центарот на вниманието и треба внимателно да се следи. Имено, во јуни 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 4,5%. Забрзувањето на годишната стапка на инфлација главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт. Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост. Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока. И покрај тоа, неизвесноста околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката.

Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот на јуни, нивото на девизните резерви изнесува 4.697,6 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со јуни упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се во согласност со очекувањата според априлската проекција, додека трговскиот дефицит остварен во април и мај засега е понизок од проекциите за вториот квартал. Во првиот квартал од 2025 година, тековите во билансот на плаќања се близу до очекувањата.

Во првиот квартал од 2025 година, економската активност и натаму расте и изнесува 3,0%, што е слично со остварувањата во претходните два квартала и во согласност со очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2025 година главно упатуваат на забрзување на економскиот раст, поткрепено од поволните движења во градежништвото, индустријата и угостителството. Ризиците за растот во наредниот период од надворешното окружување се претежно надолни, што се поврзува со високата непредвидливост во услови на геополитички и трговски тензии. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со којашто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на раст на домашната економија.

Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, којашто е над очекуваната динамика. Во јуни депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од априлските проекции.

Општо земено, се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, согласно најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели и согледувањата за ризиците. Ризиците од надворешното окружување и натаму се изразени, а внимателно се следат и домашните фактори што можат да влијаат врз побарувачката, особено во услови на постојан пораст на реалните плати. Народната банка е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за да придонесе кон одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и на ценовната стабилност на среден рок.

Можеби ќе ве интересира

Убава вест за пензионерите: Оваа наша банка веќе ги исплати пензиите ПРЕДВРЕМЕ! Важни се луѓето!

ДЕСК

Измени на Законот за полиција, кој ќе биде подобен ќе може да стане началник и веднаш откако ќе се вработи во полиција

C +

Со зголемување на старосната граница за вработување, Тошковски сака да го врати МВРО-ВМРО, алармира СДСМ

C +