Македонија воведува целосен државен монопол врз онлајн игрите на среќа, додека Европа оди во спротивна насока. Најголемиот број европски држави веќе одамна функционираат со модел на мулти-лиценцирање, во кој повеќе оператори имаат еднаков пристап до пазарот, а државата ја задржува контролата преку јасна регулатива. Пример за ова се Шведска, која целосно го либерализираше пазарот, и Финска, која е во процес на укинување на својот државен монопол за онлајн игрите на среќа.
Во предлог-законот, конкретно во член 7, се предвидува онлајн игрите да ги организира исклучиво државно трговско друштво. Тоа значи дека приватните оператори, иако со години работат со лиценци и под строги регулативи, ќе бидат целосно исклучени од пазарот.
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) неколкупати остро реагираа на ваквиот потег, нагласувајќи дека со исклучувањето на лиценцираните приватни оператори се нарушува пазарната рамнотежа и се прави отстапка од европските регулаторни практики кои се движат кон отворени и конкурентни пазари.
Со новиот предлог закон, како што велат од АСОМ, освен што се нарушува конкурентноста на пазарот, новото законско решение сериозно го загрозува и опстојувањето на лиценцираните оператори, кои досега дејствуваа целосно транспарентно и во согласност со законските регулативи. Од Асоцијацијата предупредуваат дека ваквите рестрикции ќе го поттикнат развојот на нелегалниот пазар и ќе ја нарушат безбедноста на играчите.
Секторот вработува 10.000 лица, а индиректно обезбедува егзистенција за десетици илјади граѓани. Дополнителните ограничувања, како високите лиценци, одредбите за растојание во комбинација со исклучувањето на приватните лиценцирани компании од онлајн игрите на среќа, отвораат сериозни ризици за работните места и стабилноста на целата индустрија.
Дополнително, според проценките на АСОМ, државата би можела да загуби над 280 милиони евра годишно во јавни приходи кои моментално се обезбедуваат преку лиценци, давачки и други обврски што ги исполнуваат легалните приредувачи.
Со новиот предлог-закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој пред две недели беше усвоен на владина седница, се предвидува целосен државен монопол во приредувањето на игрите на среќа онлајн, предупредуваат легалните приредувачи на игри на среќа.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...