Прес конференција на СДСМ, Јовица Јанковиќ:
Состојбата со пожарите во државата е алармантна.
За само едно деноноќие се регистрирани над 50 пожари, а веќе со денови горат планини, шуми и пасишта на повеќе локации низ државата – гори во Берово, Прилеп, Катланово, Петровец, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Желино, Старо Нагоричане, Македонски Брод…
Владата на ВМРО-ДПМНЕ потфрли целосно во справување со пожарите и оваа година исто како и лани.
Статистичките податоци покажуваат драматични, аларманти податоци. Минатата година, изгореле 95,181 хектари во Македонија. Дури 8 пати повеќе отколку од просекот во последните 17 години.
Најстрашно од се е што бројката на изгорена површина на Македонија во 2024 година – 95.181 е далеку поголема од бројките во една Шпанија, Италија, Франција, кои по површина се поголеми од нашата татковина.
По она што се случува оваа година, трендот за жал оди во нагорна линија.
Изгорени се повеќе од 20% од вкупната површина на шуми и пасишта. Тоа значи уништена природа, загрозени животи, имоти и здравје на граѓаните.
Наместо брза и координирана реакција, гледаме катастрофална неспособност на власта во справувањето со пожарите.
Се доцни со интервенции, нема доволно лица на теренот, нема нова опрема, нема нови противпожарни возила, нема доволен број пожарникари.
Иако ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе бидеме најподготвени досега – гледаме дека тоа било уште една голема лага.
Наместо нови возила, Владата на ВМРО-ДПМНЕ потроши 7 милиони евра за службени мобилни телефони. Колку противпожарни возила ќе се купеа со тие 7 милиони евра?
Нема ниту нова опрема, нема нови системи за гасење, ниту нови авиони. Наместо тоа, гледавме расфрлање со парите на граѓаните – за скапи приватни летови, луксузна морска храна, папаја и манго.
Нема нови вработувања на пожарникари, нема ниту зголемување на платите за хероите што се борат со огнот, затоа што приоритет на ВМРО-ДПМНЕ се партиските вработувања и вдомување на партиски кадар.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ги одбива сите конкретни предлози на СДСМ. Последен пример е ребалансот на Буџетот – не прифатија да се обезбедат 500 милиони денари за зголемување на бројот на пожарникари, за нивни плати и за нова опрема.
Тоа е страшно, жално и крајно неодговорно! Ова мора да се промени.
Ги повикуваме институциите да се разбудат и да почнат да работат. Ова не е време за ПР. Ова е време за итно мобилизирање ресурси, време да се заштитат животите и имотите на граѓаните.
СДСМ ќе продолжи гласно да бара одговорност, конкретна акција и вистинска грижа за граѓаните и природата.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...