Неидентификуван дрон влезе во литванскиот воздушен простор утрово, најверојатно од правец на Белорусија, објави литванската јавна телевизија ЛРТ.
„Според добиените извештаи, дронот е забележан на висина од околу 200 метри и последен пат е виден во близина на Вилнус. Не е јасно за каков дрон станува збор, ќе ги ажурираме информациите“, изјави Дариус Бута, претставник на литванскиот Национален центар за управување со кризи.
Литванските власти објавија дека сите надлежни служби работат на лоцирање на можното место каде што се урна дронот и ги предупредија жителите да не се приближуваат кон дронот под никакви околности.
„Денес времето е поволно за метеоролошки балони, кои шверцерите ги користат за транспорт на својата стока. Сè уште не можеме да прецизираме за каков вид предмет или предмети станува збор“, нагласи литванскиот министер за одбрана Довиле Сакалиене.
Министерот, исто така, истакна дека претстојните воени вежби во Белорусија ја зголемуваат веројатноста за инциденти, дури и ненамерни. Во вежбите „Запад-2025“, кои се очекуваат кон средината на септември, ќе учествуваат околу 13.000 војници и се меѓу најголемите заеднички вежби организирани од Русија и Белорусија.
Белорусија, според написите во медиумите е важен сојузник на Русија за време на војната во Украина. Руските сили ја користеа белоруската територија како појдовна точка за инвазија. Украинската разузнавачка агенција неодамна предупреди дека Минск ги засили своите хибридни операции со насочување на нелегални мигранти кон границите на Европската Унија.
Руски беспилотни летала залутаа на територијата на Полска, Молдавија и Романија за време на претходните напади врз Украина. Покрај тоа, руски беспилотен авион со боева глава се урна во Латвија во септември минатата година, пишуваат медиумите./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...