Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешниот настан по повод пуштањето во употреба на нов булевар во Гевгелија, одговарајќи на новинарско прашање во врска со мерката за до шест бесплатни ин витро обиди и дали со тоа ќе се придонесе за зголемување на наталитетот во државата, како и кои се очекувањата од таа мерка посочи дека токму демографската слика е и ќе остане еден од главните предизвици во годините што следуваат.
„Па, апсолутно да. Мислам дека главен предизвик, за нас како држава во годините и децениите што следат е демографијата и демографската слика. Јас многу пати за тоа сум зборувал и ќе продолжам да зборувам, ќе бидам многу гласен, бидејќи за бадијала ни се и овој асфалт, и овие натпатници и потпатници, и паркови, сè што правиме, ако немаме дечиња коишто ќе ги користат. Ако немаме потомство коешто понатаму сето ова ќе го ужива и ќе додаде квалитет во нивниот живот. Ние можеме да реновираме безброј градинки и да направиме училишта, во рамките на нашите можности се разбира, но ако немаме дечиња коишто таму ќе бидат, тогаш ни е сето тоа залудно“, објасни тој.
Премиерот рече дека создавањето семејство, потомство е патриотски чин.
„Некој може ќе ме прогласат и за конзервативен, некој може ќе ме прогласат за човек којшто можеби живее во минатото. Но, јас мислам дека демографијата, потомството, дечињата создавањето семејство е патриотски чин. И денеска така се брани иднината на Македонија, и на македонскиот народ, и иднината на македонските граѓани. Ценам дека овие зголемени, двојно бесплатни шест ин витро процедури, за разлика од минатото кога беа три, се во таа насока и тука не застануваме, продолжуваме и понатаму. Така што во годината која што следи ќе имаме би рекол многу поробусни акции, кои што ќе значат подобрување на демографската слика на Македонија“, истакна Мицкоски.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...