Израелскиот министер за наследство, Амихај Елијаху, изјави дека Израел не треба да се грижи за гладот во Газа, предизвикувајќи осуда од целиот политички спектар.
Според „Тајмс оф Израел“, десничарскиот политичар од партијата Оцма Јехудит ги отфрли обновените предупредувања на ОН за глад во опколената енклава, тврдејќи дека израелската влада „брза кон уништување на Газа“.
„Фала му на Бога што го бришеме тоа зло. Цела Газа ќе биде еврејска“, изјави Елијаху за Радио Кол Барама во четврток, според Ynet.
„Не треба да се грижиме за гладот во Газа – нека светот се грижи за нив. Ниедна нација не ги храни своите непријатели. Дали целосно сме се изгубиле од умот? Дали треба да се грижиме за нивната вечера?“ додаде тој.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се дистанцира од забелешките, велејќи дека Елијаху не е член на Советот за национална безбедност, кој одлучува за водењето на војната.
„Политиката на оваа влада е јасна и единствена. Неговите изјави не ја претставуваат владата“, рече Нетанјаху.
Израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, исто така ги осуди коментарите на Елијаху, нарекувајќи ги „погрешни, глупави и целосно нерепрезентативни за владата и народот на Израел“. Во објава на X, тој истакна дека Израел е посветен на создавање механизам за доставување хуманитарна помош до цивилите во Газа, „но не преку Хамас“.
Според локалните здравствени власти, повеќе од 59.000 Палестинци се убиени во Газа од октомври 2023 година, вклучувајќи најмалку 113 лица кои починале од глад. Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, во средата изјави дека израелската „блокада“ ја довела Газа на работ на „масовен глад“.
Филип Лазарини, шеф на агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), го повика Израел да дозволи влез на 6.000 камиони со помош блокирани во Египет и Јордан.
Во меѓувреме, израелските власти ги обвинуваат Хамас и другите вооружени групи за складирање на залихи и напаѓање на цивили на местата за дистрибуција на помош./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...