Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Франција: Ќе ја признаеме палестинската држава во септември; САД: Непромислена одлука

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека Вашингтон го отфрлил планот на францускиот претседател Емануел Макрон за признавање на палестинска држава, нарекувајќи го планот на Макрон „непромислена одлука“.

„Оваа непромислена одлука служи само на пропагандата на Хамас и го забавува мирот“, напиша Рубио во објава на социјалната мрежа Икс.

Амбасадорот на Вашингтон во Израел, Мајк Хакаби, во јуни изјави дека не мисли оти независна палестинска држава останува цел на американската надворешна политика.

Франција ќе ја признае палестинска држава на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември, објави вчера францускиот претседател Емануел Макрон на социјалните мрежи, предизвикувајќи жестоки критики од Израел и воодушевување од Палестинците.

„Верен на мојата историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, одлучив Франција да ја признае државата Палестина. Ќе го дадам официјалното соопштение на Генералното собрание на Обединетите нации во септември“, напиша францускиот шеф на државата на Икс и Инстаграм.

До денес, најмалку 142 земји ја признале палестинска држава, според АФП. САД и Израел цврсто се спротивставуваат на таков проект.

„Итна потреба денес е да се стави крај на војната во Газа и да се спаси цивилното население“, нагласи францускиот претседател на Икс.

Во овој контекст, „конечно мора да изградиме палестинска држава, да ја обезбедиме нејзината одржливост и да обезбедиме дека со прифаќање на нејзината демилитаризација и целосно признавање на Израел, таа ќе придонесе за безбедноста на сите на Блискиот Исток“, додаде тој./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Песков: Средба меѓу Путин и Зеленски пред крајот на август е малку веројатна

C +

Трагедија во Грција: бебе се задави со сувлаки – итно било префрлено во болница, но немало начин да се спаси

C +

Зеленски: Подготвени сме да купиме 10 системи „Патриот“, само треба да најдеме средства

C +