Обединетото кралство и Индија ќе потпишат договор за слободна трговија во четврток, за време на посетата на индискиот премиер Нарендра Моди, со кој ќе се намалат царините за увоз на производи од текстил до виски и автомобили и ќе им се даде на компаниите поголем пристап до пазарот.
Двете земји ќе го потпишат договорот во време кога американскиот претседател Доналд Трамп води царински војни со други земји.
Спогодбата меѓу петтата и шестата најголема економија во светот планира да ја зголеми билатералната трговија за дополнителни 34,4 милијарди американски долари до 2040 година. Планирано е да стапи во сила во рок од една година.
„Трговскиот договор со Индија е огромна победа за нас. Тој ќе создаде илјадници работни места низ цела Велика Британија, ќе отвори нови можности за бизнисите и ќе го поттикне растот“, рече британскиот премиер Кир Стармер.
Потпишувањето на договорот е предвидено да биде дел од четвртата посета на Моди на Велика Британија откако ја презеде функцијата премиер во 2014 година. Двајцата премиери ќе потпишат и стратешко партнерство што ги опфаќа одбраната, климатските промени и борбата против криминалот.
Што се однесува до трговскиот договор, царините за шкотското виски ќе се намалат од 150 проценти на 75 проценти, а потоа на 40 проценти во текот на следните десет години, соопшти британската влада. Царините за автомобили ќе се намалат од 100 проценти на само 10 проценти.
За возврат, индиските производители ќе добијат пристап до британскиот пазар за електрични и хибридни возила, соопшти индиското министерство за трговија. Во него се наведува дека 99 проценти од индискиот извоз ќе има корист од нула царини, вклучително и текстилот. Британските компании ќе можат да пристапат до индискиот пазар за набавки за проекти во сектори како што се чиста енергија и услуги како што е осигурувањето.
Договорот со Индија претставува најзначајниот трговски договор за Велика Британија откако ја напушти Европската Унија во 2020 година, иако проектираниот економски раст е мал во споредба со бруто-домашниот производ на земјата од 2,6 билиони фунти во 2024 година.
Трговскиот договор, исто така, предвидува дека работниците повеќе нема да мора да плаќаат придонеси и во Велика Британија и во Индија додека се привремено вработени во другата земја./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...