Министерот Муртезани на работилницата за скрининг на странски инвестиции: „Ова не е само правна, туку и стратешка реформа за заштита на националните интереси и инвестицискиот потенцијал на земјата“
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на отворањето на дводневната работилница на тема „Клучни аспекти во развојот на нов механизам за скрининг на странски директни инвестиции во Северна Македонија“, што се одржува во Скопје на 23 и 24 јули.
Настанот е организиран со поддршка на Министерството за трговија на САД – преку Програмата за развој на трговското право (CLDP), во координација со Стејт департментот, Министерството за финансии на САД и Амбасадата на САД во Скопје, а учествуваат и експерти од Чешка и Романија.
Министерот истакна дека оваа иницијатива не е само правна, туку и стратешка реформа со која ќе се воспостави ефикасен систем што ги заштитува националните интереси и истовремено го зацврстува инвестицискиот потенцијал на земјата.
Работата на механизамот е директно поврзана со процесот на пристапување кон ЕУ, особено во рамките на обврските од Кластерот 6 – Надворешни односи.
Во продолжение следува интегралното обраќање на министерот:
„Почитувани колеги, почитувани претставници на Амбасадата на САД и Стејт департментот, почитувани експерти од Чешка и Романија, членови на нашата национална работна група, дами и господа,
Добро утро и добредојдојдовте.
Особена чест и задоволство ми е да ја отворам денешната работилница посветена на процесот на скрининг на странски директни инвестиции (СДИ), организирана со великодушна поддршка на Стејт департментот и Амбасадата на САД во Скопје. Дозволете ми најнапред искрено да ви се заблагодарам за вашата постојана посветеност и силно партнерство. Соединетите Американски Држави се доследен поддржувач на нашите реформски напори, а денешниот настан претставува уште еден значаен чекор за зајакнување на нашата соработка.
Оваа работилница се случува во вистински момент. Во моментов сме во процес на изготвување на национален механизам за скрининг на странски директни инвестиции, клучен политички и правен потфат за нашата земја. По неодамнешната одлука на Владата за обновување на мандатот, горд сум што го предводам овој процес во својство на министер за европски прашања. Повторно ја активиравме меѓуинституционалната работна група, а неколку од нејзините членови се присутни денес. Во рамките на таа група, помал тим за изготвување веќе започна со активно работење на првичната верзија на законот.
Но, ова не е само правен, туку и стратешки процес. Нашата цел е да воспоставиме механизам кој истовремено ќе ги штити националните интереси, ќе биде усогласен со правилата и очекувањата на ЕУ, а притоа ќе осигури дека Северна Македонија останува отворена за стабилни и продуктивни странски инвестиции.
Овие активности се исто така тесно поврзани со нашиот процес на пристапување во ЕУ. Европската комисија, во својот последен Извештај за скрининг за Кластер 6 – Надворешни односи, јасно го наведува скринингот на СДИ како неопходна обврска. Пораката од Брисел е недвосмислена: сите земји кандидатки треба да развијат ефикасни системи за идентификување и ублажување на ризиците поврзани со чувствителни или стратешки странски инвестиции, особено во области како што се критичната инфраструктура, напредните технологии и податоци.
Во тој контекст, сакам да ја истакнам важноста на Заедничките минимални стандарди развиени за Западен Балкан преку Берлинскиот процес. Иако нашиот механизам ќе биде прилагоден на националниот контекст, целосно ја уважуваме вредноста на регионалната кохерентност и ги земаме предвид овие стандарди во натамошниот развој на процесот.
Особено ни претставува задоволство да им посакаме добредојде на нашите колеги од Чешка и Романија. Како земји членки на ЕУ со веќе воспоставени функционални механизми за скрининг, вашите сознанија за институционалните структури и практичното спроведување имаат исклучителна вредност за нас. Вашето искуство ќе ни помогне во дефинирањето на насоката на нашата работа.
Истовремено, ставот на САД е исклучително значаен. Во свет на брзи глобални промени, потребни ни се не само правни алатки, туку и капацитет да ги разбереме и да управуваме со сложени инвестициски ризици, особено кога е засегната националната безбедност. Со нетрпение очекуваме да ги слушнеме експертите од САД кои ни се придружија денес и да учиме од нивните воспоставени практики и аналитички пристапи.
Дозволете ми да потврдам дека сме целосно подготвени да ја продлабочиме нашата соработка со Стејт департментот на САД и да го зајакнеме нашето партнерство со Амбасадата на САД во Скопје. Без разлика дали станува збор за техничка поддршка, размена на политики или институционален дијалог – отворени сме и посветени на значајна и конструктивна соработка.
На крај, сакам да ви се заблагодарам на сите! На домашните експерти, на меѓународните партнери и на колегите од регионот за вашето активно учество во оваа важна дискусија. Убеден сум дека денешната размена на мислења ќе нè приближи до создавање на добро осмислен, кредибилен и ефикасен механизам за скрининг – механизам што ќе го зацврсти нашиот пат кон ЕУ, како и нашата национална економска безбедност.
Ви посакувам успешна и инспиративна работа.
Ви благодарам.“