Претседателот на Франција, Емануел Макрон, и неговата сопруга Брижит, поднесоа тужба за клевета во САД против конзервативната инфлуенсерка Кандис Овенс поради нејзините тврдења дека првата дама на Франција е всушност маж, пишува „Њузвик“.
Том Клер кој ги застапува Макронови, денес ја објави тужбата од 218 страници, поднесена во Вишиот суд во Делавер.
Тужбата ги нарекува тврдењата на Овенс „чудни, клеветнички и неверојатни измислици“ и вели дека тие предизвикале „немилосрдна злоупотреба на глобално ниво“, со што „предизвикале голема штета на Макрон“.
Овенс, популарна десничарска подкастерка, објави во 2024 година на социјалната мрежа „Икс“: „Откако истражував, подготвена сум да го ризикувам целиот мој професионален углед за фактот дека Брижит Макрон е всушност маж“.
На нејзиниот „Јутуб“ канал, таа објави серија видеа од осум дела наречена „Станувајќи Брижит“ во која ги изнесе своите тврдења.
„Бидејќи Овенс систематски ги повторуваше овие лаги како одговор на повеќекратни барања од нашите адвокати да ги повлече тврдењата, на крајот заклучивме дека одењето на случајот на суд е единствената преостаната опција за да ги заштитиме нашите права“, се вели во изјавата на Макрон./Извор:Makfax