Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Трамп: Ракетите за системите „Патриот“ веќе се на пат кон Украина, пристигнуваат од Германија

Ракетите за системот за воздушна одбрана „Патриот“ наменети за Украина веќе се на пат, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Киев Индепендент“.

„Тие веќе се испраќаат“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за испораката на ракетите „Патриот“ и друга опрема.

„Тие се увезуваат од Германија, а потоа Германија ги надополнува залихите. И во сите случаи, на Соединетите Држави ќе им биде целосно платено.“

Портпаролот на германската влада изјави на 14 јули дека европските сојузници се во преговори за испраќање на повеќе од три системи „Патриот“ во Украина.

Трамп објасни дека овие пратки се дел од нов договор во кој членките на НАТО и Европската Унија купуваат системи за оружје произведени во САД, испраќаат дел во Украина, а потоа ги заменуваат преку договор со Вашингтон.

„Секогаш ги добиваме парите назад, во целост“, додаде Трамп. „Во некои случаи, земјите-членки на Европската Унија директно ни ги надоместуваат парите.“

Новите пратки со оружје доаѓаат само два дена откако Трамп издаде ултиматум до Москва, предупредувајќи дека САД ќе воведат „строги“ царини доколку Русија не се согласи на мировен договор во рок од 50 дена за прекин на војната во Украина./Извор:Makfax