Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Во пожарот во Чучер Сандево изгоре магацинот на „Фриком“ – сите вработени се безбедни, започната е проценка на штетата

Пожарот во општина Чучер-Сандево вчера ги зафати и просториите на „Фриком“. Изгоре магацинот на „Фриком“, кој како дистрибутивен центар, ја снабдува цела Македонија. Благодарение на брзата реакција на службите и компанијата нема настрадани, сите вработени се на безбедно.
„Најважно за нас е што ниту еден од вработените и луѓето што учествуваа во гаснењето на пожарот не е повреден. Нашите тимови веќе работат на проценка на состојбата и реорганизирање на деловните планови, за да можеме што поскоро да обезбедиме непречена дистрибуција и да се вратиме на секојдневните работни рутини. Неизмерно сме благодарени на сите вработени кои веднаш покажаа неверојатна подготвеност да се прилагодат на ситуацијата.“ изјавија од „Фриком“.

„Во овие тешки моменти, не смееме да заборавиме дека не сме единствените. Стотици семејства, претпријатија и заедници низ државата се соочуваат со последици од огнените стихии. Нашите мисли се со сите погодени и наша обврската како компанија, и пред сè како луѓе, е да покажеме солидарност и разбирање.“, додаваат од компанијата.
„Фриком“ веќе формираше кризен тим кој утрово ја направи првата проценка на штетата. Во меѓувреме, испораките и активностите се привремено прекинати, а клиентите ќе бидат навремено информирани за следните чекори. Се работи на брзо воспоставување непречена дистрибуција.