Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: ВМРО ДПМНЕ ветуваше подобра преговарачка позиција, но единствено донесе понижувања на државата

По преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ наследи стабилна и јасна позиција во евроинтегративниот процес со загарантиран македонски јазик во Европската Унија и јасен пат за напредок, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Филипче истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги оствари ниту едно од ветувањата за подобра преговарачка позиција.

„Ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно“,рече Филипче.

При тоа, тој потенцираше дека вчерашната одлука на Европскиот Парламент и усвојувањето на извештајот се резултат на опасно застранување од стратешките позиции на државата и злоупотребата на јазикот и идентитетските прашања на Владата за сопствена политичка кампања.

„Тоа е исто така директен резултат на дипломатските импровизации и целосната негрижа на владата за зачувување на меѓународната позиција на државата. За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Нема Мицкоски кон кого да покаже со прст, ветуваше гордост, а добивме понижување“, рече Филипче, додавајќи дека жално е нивото на несвесност за последиците и штетите од овие политики кои ѝ се прават на државата и граѓаните, како и несигурноста и апатијата што се создаваат.

„Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Можеби ќе ве интересира

Обвинителството оформи предмет по допрен глас за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД

ДЕСК

СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта

ДЕСК

Усвоен Кварталниот извештај: Макроекономските движења се во согласност со очекувањата на Народната банка

ДЕСК