Русија лансира рекордни 728 дронови и 13 ракети врз Украина во текот на ноќта, соопштија украинските воздухопловни сили денеска.
Украинските системи за противвоздушна одбрана уништија 718 дрона и седум ракети, соопштија воздухопловните сили на апликацијата за пораки „Телеграм“.
Во напад со украински дрон на плажа во рускиот град Курск загинаа три лица, вклучувајќи руски војник, кој учествуваше во спасувачки операции, а седум беа повредени, изјави рано утрово вршителот на должноста гувернер на регионот што граничи со Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи на „Икс“ за нападот.
„Бројот на воздушни цели беше најголем досега во еден ден, вкупно 741 цел, 728 дрона од разни видови, вклучувајќи повеќе од 300 „Шахед“, и 13 ракети, вклучувајќи „Кинжал“ и „Искандер“.
Исто така, ги користевме нашите дронови пресретнувачи, тие соборија десетици непријателски цели и продолжуваме да ја развиваме оваа технологија. Им благодарам на сите наши војници за нивната прецизност.
Во моментот во цела Украина, во многу региони, се спроведуваат активности за санирање на последиците од синоќешниот руски напад. Главниот удар беше насочен кон Луцк, но штета е регистрирана и во регионите Днепропетровск, Житомир, Киев, Кировоград, Миколаев, Суми, Харков, Хмелницки, Черкаски и Чернихив.
Овој напад е многу јасен сигнал и се случува токму во моментот кога се вложуваат многубројни напори за постигнување мир, за договор за прекин на огнот, додека само Русија систематски ги отфрла сите овие напори. Ова е уште еден доказ за потребата од строги санкции, особено оние за нафтата, бидејќи ја финансира руската воена машинерија повеќе од три години.
Потребни се и секундарни санкции за оние што ја купуваат таа нафта и со тоа, всушност, ги финансираат убиствата. Нашите партнери знаат како да извршат притисок што ќе ја принуди Русија да размисли за прекин на војната, а не да почнува нови напади. Сите што сакаат мир мора да дејствуваат“, рече украинскиот претседател./Извор:Makfax