Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Се очекува Македонија годинава да ја посетат 1,5 милиони туристи, најбројни се гостите од Турција

Македонија веќе бележи двоцифрен годишен пораст во бројот на странски посетители, најновите податоци покажуваат 21.6 % раст во првата половина од 2025, во однос на истиот период од минатата година, соопшти Министерството за култура и туризам.

Од таму велат дека ако се задржи ваквиот тренд, се очекува дека бројот ќе достигне околу 1,5 милиони странски туристи до крајот на годинава, според пресметки на локалните туристички работници.

Туристите од Турција и понатаму се најбројни, со учество до 42% меѓу странските гости и постојан раст. Србија покажува исто така забележителен подем, односно раст од 20–30%, особено во Скопје и Охрид. Раст бележат и Германија, Грција, Хрватска и Романија, кои остануваат меѓу првите 10 пазари. Пазарите како Бугарија, Албанија и Словенија се стабилни, додека кај држави како Косово, САД, Италија и Холандија не се забележани значајни промени.

„Ова би можело да донесе приходи до 500 милиони евра и важно е државата и бизнисите да инвестираат во инфраструктурата, зајакнување на туристичките капацитети, развој на одржлив туризам и рамномерен регионален развој за да го одржат темпото и да извлечат максимум корист“, велат од Министерството.

Во услови на зголемен развој на туризмот, според Министерството, се наметнува потреба од реформски мерки во насока на градење ефективен систем на туризмот и создавање поврзана функционална целина која има за задача да одговори на потребите на туристичката дејност и туризмот.

„За таа цел Министерството за култура и туризам презема низа реформски и организациони мерки, за што во моментов се одвива процес на преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и екипирање на секторот во рамки на министерството со што Министерството за култура и туризмот станува адреса за обраќање за туристичкото стопанство“, се наведува во соопштението./Извор:Makfax