Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Каде е иранскиот ајатолах: „Луѓето се многу загрижени за врховниот лидер“

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, не е виден ниту слушнат јавно речиси една недела, изненадувајќи ги и алармирајќи ги сите, од политичките инсајдери до јавноста, објави „Њујорк тајмс“. Додека Иранците гледаа државна телевизија, еден презентер постави прашање кое им беше на ум на многумина во земјата, од политичката елита до оние на улиците.

„Можете ли да ни кажете каде е?“

„Луѓето се многу загрижени за Врховниот лидер“, му рече презентерот на службено лице од канцеларијата на ајатолахот. „Можете ли да ни кажете како е?“ Тој забележа дека гледачите испратиле многу пораки поставувајќи го истото прашање.

Но, службеното лице Мехди Фазаели не даде директен одговор. Наместо тоа, Фазаели рече дека самиот добил бројни прашања од функционери и други загрижени за ајатолахот по израелските и американските бомбардирања.

„Сите треба да се молиме“, рече Фазаели. „Луѓето одговорни за заштита на врховниот лидер добро си ја вршат работата“, додаде тој. Хамнеи, кој го има последниот збор за клучните одлуки во Иран, не е виден јавно ниту проговорил речиси една недела и покрај вонредната криза со која се соочува неговата земја.

Само во изминатите неколку дена, САД бомбардираа три ирански нуклеарни објекти, на што Иран одговори со лансирање ракети кон американската база во Катар, а Иран и Израел се согласија на прекин на огнот што стапи на сила во вторникот наутро.

Низ сето тоа, Хамнеи, за кого официјалните лица велат дека се криел во бункер и се воздржува од користење електронски комуникации за да спречи обиди за атентат, остана отсутен и не даде никаква изјава или снимени пораки.

Неговото отсуство ги изненади и вознемири луѓето од различни делови на иранското општество. Мохсен Калифе, главен уредник на дневниот весник фокусиран на недвижности „Канеман“, во едно интервју рече дека „неколкудневното отсуство на Хамнеи е од голема загриженост за сите нас кои го сакаме“.

Признавајќи можност што би била незамислива пред две недели, Калифе додаде дека ако Хамнеи е мртов, неговиот погреб ќе биде „највеличествениот и најисторискиот“, според медиумот./Извор:Makfax