Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ се согласи да го зголеми времето на доцнење на летовите пред патниците да добијат надомест

ЕУ земјите се согласија да го зголемат времето на доцнење на авионските летови што е потребно за патниците да имаат право на надомест на штета, пишува Гардијан.

Според новите планови, патниците на кратки летови ќе треба да бидат задржани најмалку четири часа за да можат да побараат надомест. За долги летови, доцнењето ќе треба да биде најмалку шест часа. Според сегашните ЕУ правила, патниците можат да бараат надомест ако нивниот лет доцни повеќе од три часа.

Земјите од ЕУ, исто така, се согласија да го зголемат износот на надоместокот за оние што доцнат на летовите на кратки релации од 250 евра на 300 евра, но планираат да го намалат надоместокот за летовите на долги релации од 600 евра на 500 евра.

Измената на правата на патниците во воздушниот сообраќај на ЕУ првично беше предложена во 2013 година од страна на Европската комисија. Потребни беа 12 години преговори за земјите-членки да постигнат договор за промени во временската рамка за надомест, а плановите сè уште треба да се преговараат со Европскиот парламент пред да стапат во сила.

Европската организација за заштита на потрошувачите (BEUC) соопшти дека овој план ќе ги лиши „голем дел од патниците од нивното право на надомест“, бидејќи најголем дел од доцнењата се меѓу два и четири часа.

Индустриското здружение Airlines for Europe (A4E), исто така го осуди планот бидејќи тие бараа времето на доцнење за надомест да биде уште поголемо.

Првичниот план на Европската комисија предвидуваше зголемување на времето за надомест на пет часа за кратки летови и девет часа за долги летови./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.