Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е само статистика, таа е реална слика на општествената стварност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на статистичката конференцијата „25 години родови податоци“ којашто се одржа во организација на Државниот завод за статистика, во партнерство со канцеларијата на UN Women и амбасадата на Кралството Шведска во земјава.

Честитајќи го значајниот јубилеј, претседателката изрази благодарност за континуираната професионалност, непристрасност и посветеност на општествената реалност и на вистината. Таа истакна дека како жена, како претседателка и како застапничка за еднаквост, знае колку е важно да постојат точни податоци коишто зборуваат за сите нас, не само за натпретставените, туку и за маргинализираните кои предолго биле невидливи за македонскиот општествен радар.

За неа, родовата еднаквост не е само статистика, не е море од бројки на хартија, туку е реална слика на општествената стварност, резултат што може да се постигне само со здружен општествен напор, со солидарност и постојано учење едни од други, но и едни за други. Таа е наш заеднички влог за порамноправно, похумано и понапредно општество.

Сиљановска-Давкова порача дека е потребно да создадеме држава во која сите ќе бидеме свесни дека секој податок одразува нечиј живот, секоја бројка раскажува индивидуална, вистинска човечка приказна, а трудот на секој човек, без разлика на полот и родот, треба да биде еднакво вреднуван, сечиј глас слушнат, без оглед дали е гласен или е тивок.

Со конференцијата се одбележаа 25 години од систематско собирање на родови податоци во државава и претставува дел од низата настани во рамки на одбележувањето на јубилејот – 80 години од основањето на македонскиот Државен завод за статистика.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Почитувани претставнички и претставници на Државниот завод за статистика,
Почитувани претставнички и претставници на Канцеларијата на Обединетите нации,
Почитувани претставнички и претставници на дипломатскиот кор,
Почитувана Амбасадорке на Кралството Шведска,
Почитувани гостинки и гости,
Дами и господа,

Со особена чест и длабока благодарност ве поздравувам на овој, за мене и за вас и за нас, значаен настан – одбележувањето на 25-годишнината од првиот чекор којшто како држава го направивме на полето на собирањето, но и на користењето на родовите податоци и објавувањето на првата публикација на оваа тема од страна на Државниот завод за статистика.

Овој јубилеј е многу повеќе од заокружување на симболичниот број на години. Тој е признание за една вистинска и добра одлука донесена на национално ниво и силна решеност и посветеност истата доследно да се реализира, со цел да гледаме појасно, да планираме поправедно и да дејствуваме потемелно. Да ги согледаме жените и мажите низ податоците коишто откриваат повеќе од зборовите, суштински да ги разбереме нивните потреби, но и да го процениме нивниот потенцијал за да ги вградиме во политиките и во резултатите.

Свесна сум дека оваа важна и непходна задача не е лесна.

Во тој контекст, во изминатите 25 години, чинам дека како држава постигнавме многу. Денес знаеме повеќе за родовите разлики во образованието, на пазарот на трудот, во пристапот до здравствените и социјалните услуги, во учеството во процесот на одлучувањето. Сведоци сме на нови методологии, подобрени се системите за прибирање и анализа на податоците, а што е најважно – подигната е свеста за важноста на родовото прашање и неопходноста истото да биде дел од секоја анализа и од секоја политика.

Секако, на ова тешко патување, соочени сме со многу Сцили и Харибди, но не бевме сами.

Чувствувам обврска да изразам искрена благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации во нашата земја, како и до Амбасадата на Кралството Шведска.

Вашата стратегиска поддршка, експертската соработка и несебичната посветеност беа и остануваат клучни во процесот на изградбата на стабилни и одржливи институционални капацитети, како и во промоцијата на родова еднаквост заснована на податоци.

Посебно задоволство ми е што оваа годишнина се совпаѓа со уште еден голем јубилеј – 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, институција којашто не произведува и не дистрибуира само релевантни бројки, туку е кредибилен и респектиран творец на колективна меморија на важни податоци и факти неопходни за развојот и за напредокот.

Ви го честитам значајниот јубилеј, ви благодарам за континуираната професионалност, непристрасност и посветеност на општествената реалност и на вистината.

Вам ви е доверена благородна задача да бидете двигатели на објективноста и на транспарентноста во родовото регистрирање и информирање, со што фактичката реалност станува видлива.

Како жена, како претседателка и како застапничка за еднаквост, знам колку е важно да постојат точни податоци коишто зборуваат за сите нас, не само за надпретставените, туку и за маргинализираните коишто предолго биле невидливи за македонскиот општествен радар.

Свесна сум дека сè уште постојат препреки, но знам дека отворено зборуваме и се повикуваме на факти и се обидуваме да ги ублажиме, поместиме, отстраниме и надминеме проблемите!

Почитувани гостинки и гости,

Слоевитоста и финесите при обработката на податоците со цел да се долови и наслика живиот општествен мозаик, низ призма на родовата димензија, се голем и инспиративен предизвик. Очигледно е дека не сите области се подеднакво покриени.

Нè очекува и ве очекува тешка работа врзана за родовите податоци во најчувствителните родови сегменти: ранливите, маргинализираните групи, прашањата поврзани со неплатената работа, родовобазираното насилство, климатските промени. Нивното собирање и систематизирање и нивната употреба во функција на решавање на горливите проблеми мора да биде побрза, подиректно и поефикасно, ако сакаме да креираме соодветни решенија за секој предизвик и проблем, што поинаку ги засега различните социјални групи, доколку сакаме да ја отстраниме дискриминацијата.

Никогаш не е на одмет да се потсетиме дека родовата еднаквост не е само статистика, не е море од бројки на хартија. Таа е реална слика на општествената стварност, резултат којшто може да се постигне само со здружен општествен напор, со солидарност и постојано учење едни од други, но и едни за други. Таа е наш заеднички влог за порамноправно, похумано и понапредно општество.

Во иднина, нашата мисија како држава и мојата заложба како претседателка остануваат јасни: да продолжиме да инвестираме во родовите статистики, да го зајакнеме меѓуинституционалниот дијалог, да изградиме систем на податоци коишто не само што ќе информираат, туку ќе трансформираат.

Да го искористиме овој јубилеј како поттик на нова енергија, поголема храброст и поцврста посветеност. Да создадеме држава во која сите ќе бидеме свесни дека секој податок одразува нечиј живот, секоја бројка раскажува индивидуална, вистинска човечка приказна, а трудот на секој човек, без разлика на полот и родот, треба да биде еднакво вреднуван, сечиј глас слушнат, без оглед дали е гласен или е тивок.

На крајот, честитки и благодарност за сите кои со визија, истрајност и љубов го градеа и го градат овој децениски пат по кој со сигурни чекори ќе продолжиме да чекориме и ќе продолжат да чекорат идните генерации.

Ви благодарам.

error: Соддржината е заштитена.