Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Шефот на украинската делегација: Подготвени сме да одржиме состанок меѓу Зеленски и Путин

Русија го одложува мировниот дијалог со Украина и создава впечаток на дипломатија, изјави шефот на украинската делегација на преговорите, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, како што објави The Moscow Times.

Според него, Москва доставила меморандум за условите за решавање на конфликтот дури за време на состанокот во Истанбул, кој се одржа вчера. Како резултат на тоа, вели Умеров, состанокот, кој се подготвуваше повеќе од две недели, не ги донесе потребните резултати за завршување на војната.

„Се чини дека Русите повторно одолговлекуваат, обидувајќи се да создадат слика на дипломатија за Соединетите Американски Држави без вистински потези“, рече Умеров.

Единственото достигнување од втората рунда преговори, според шефот на украинската делегација, беше договорот за размена на сите тешко болни и тешко ранети воени заробеници и лица под 25 години, како и враќање на телата на загинатите во форматот „6000 за 6000“.

„Доставен е и целосно проверен список на киднапирани украински деца. Враќањето на барем дел од овие деца би бил хуманитарен чин ако Русија навистина сака да се движи кон мир“, нагласи Умеров.

Тој додаде дека Киев е подготвен да одржи состанок на ниво на лидерите на Украина и Русија до крајот на јуни, но ако за руската страна преговорите се обид за застој, тогаш „треба да има само еден одговор: заострување на меѓународните санкции“.

За потсетување, првите директни преговори меѓу Москва и Киев од пролетта 2022 година се одржаа на 16 мај во Истанбул, а резултатот беше најголемата размена на затвореници од почетокот на војната, според формулата „1000 за 1000“./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.