Управувањето со отпад не е само важно од аспект на подобрување на животната средина во земјата, туку истовремено е основа за креирање на одржлив развој базиран на принципите на кружната економија. Унапредувањето на овој процес значи поттикнување на целокупен економски развој и отворање на нови работни места, но и целосна трансформација на општеството. Ова беа главните пораки што беа упатени на меѓународната конференција „Патување кон одржливо управување со отпад“, во организација на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (MASWA) што се одржува денес и утре во Скопје.
„Управувањето со отпад и кружната економија се теми за кои се гради погрешна перцепција во јавноста како резултат на непознавање, предрасуди и погрешни информации. Нашата главна цел е преку формирање на силна професионална структура, промоција на современите принципи за управување со отпад кои се економски одржливи за Македонија, како и за развој на правна и институционална рамка која ќе го поддржи развојот на секторот. За таа цел ќе работиме на зајакнување на соработката со институциите, невалидниот сектор, медиумите и академската заедница“, истакна Михаил Матески претседател на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад, на отворањето на конференцијата.
На конференцијата се обрати првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити кој подвлече:
„Управувањето и третманот на отпадот претставува голем предизвик. Но токму тој предизвик треба да го гледаме како можност за создавање иновативни технолошки решенија и поттикнување на зелената економија. Ова може да се постигне преку примена на практиките на циркуларната економија – создавање системи кои селектираат, рециклираат и повторно користат материјали со цел намалување на количината отпад што завршува на депонии, а вредните ресурси да се вратат во економскиот синџир. Министерството за животна средина и просторно планирање е длабоко посветено на воспоставување на регионален систем за управување со отпад кој функционира во согласност со највисоките европски стандарди. Еден од клучните проекти е изградбата на првата стандардизирана регионална депонија во земјава, која ќе претставува модел на одржливо, ефикасно и транспарентно управување со отпадот.
На конференцијата се обратија и шефот за соработка во Делегацијата за Европската Унија во Скопје Штефен Худолин кој истакна дека во иако постојат многу предизвици истите се и шанса за напредок во областа, која е од исклучително значење.
Пред присутните се обрати и холандската амбасадорка во земјата Озлем Чанел која потенцираше дека важно е да се почне со воспоставување на одржлив систем колку и да изгледа процесот комплициран. Само преку акција може да се постигне развој.
Македонската асоцијација за управување со цврст отпад е членка во Меѓународната асоцијација за цврст отпад ISWA. На конференцијата се обрати и Џејмс Лоу, претседател на организацијата.
„Потенцијалите на кружната економија можат да се искористат само доколку се воспостави одржлив систем за управување со отпад. Тоа што за една индустрија е отпад, за друга е ресурс. Затоа важно е да се работи на унапредување на процесите бидејќи потенцијалите се големи. Соработката помеѓу асоцијациите е од големо значење бидејќи освен размена на искуства и знаења, го подигнуваме нивото на едукација и поддршка што е од клучно значење во овој процес“.
Покрај најновите трендови во сегментот на управувањето со отпад како основа на кружната економија, дел од панелите на конференцијата беа посветени на меѓу општинско управување со отпадот, ЕСГ стандардите во практиките за отпад, стандард и имплементација на нула отпад на депонија, буџетирање и финансирање на системи за одржливо управување со отпад, ZWTL (Zero Waste to Landfill) стандарди и имплементација на нула отпад до депонија и можности за проширување на одговорноста на производителот.
Во насока на промоција на новите технологии, базирани на иновативни дигитални алатки и подигнување на свеста за поголема декарбонизација за прв пат на конференција се имплементира систем на мерење на јагленородниот отпечаток.
Утре конференцијата ќе продолжи со стручни предавања на Технолошко- металуршкиот факултет во Скопје, а потоа ќе се остварат работни посети на ТИТАН Усје и Раде Кончар Сервис.
На конференцијата присуствуваат домашни и меѓународни експерти, претставници на бизнис заедницата, институции, невладини сектор и академската заедницата.
Годинешната конференција се одржува по шести пат, која MASWA ја организира на две години, односно е од биенален карактер. MASWA е единствена асоцијација во која членуваат над 40 компании, организации и индивидуални експерти кои работат во насока на развој на кружната економија и одржливото управување со отпад.