Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на настанот за промоција на наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план за унапредување на родовата еднаквост во Министерството за одбрана и во Армијата како дел од сеопфатната реформа на безбедносниот сектор во нашата држава, организиран од страна на Министерството за одбрана и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, со што се заокружи проектот за изработка на Родовиот акциски план 2024 – 2028.
Зборувајќи како жена, претседателка на државата и врховна командантка на вооружените сили, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека вистинската борба на жените, припаднички на Армијата, не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за третман, усогласување со семејните обврски, а за жал и борба за еднакво вреднување и напредок.
Третирајќи го прашањето на промовирање на родовата еднаквост како прашање на националната безбедност, претседателката потсети дека промовирањето на родовата еднаквост не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите, при што мора солидарно да се израмни патот и да се отвори простор за извонредност, без оглед од каде таа доаѓа, бидејќи Министерството за одбрана и вооружените сили коишто целосно ја одразуваат различноста и ползуваат сечии вештини, ќе бидат сила подготвена за секоја мисија или предизвик во иднина.
Во продолжение, интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Почитувани претставници на Армијата,
Почитуван министре за одбрана,
Почитуван началник на Генералштабот,
Почитувани партнери од ДЦАФ,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Моето денешно присуство овде, меѓу вас, го сметам за привилегија и резултат на мојата цврста лична заложба – да учествувам во унапредувањето на еднаквите можности, родовата сензитивност и инклузивната институционална култура во одбранбениот сектор.
Денес, таа моја заложба ја реализирам, заедно со министерот за одбрана, кој ме изненади синоќа со прекрасните резултати, преку промоцијата на два клучни документи: наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план за унапредување на родовата еднаквост во Министерството за одбрана и во Армијата како дел, како што чувме, од сеопфатната реформа на безбедносниот сектор во државава. Без проценка – нема реформи, без дијагноза – нема терапија. Ова се неопходните први чекори за промени, иако некој може да забележи дека самоевалуацијата не е вистинска евалуација, дека евалуацијата однадвор е пообјективна. Се разбира и таква постои.
Станува збор за настан, овој во кој учествувам, со којшто се заокружува првата самопроценка од оваа област во земјава, но и на Балканот, за што јас, еве сакам да изразам особена благодарност до Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, како и до сите учесници во овој процес.
Како претседателка и врховна командантка на вооружените сили, многу убаво звучи во женски род, кон родовите прашања во Армијата и во одбраната не се однесувам само како набљудувачка, туку како актерка.
Секоја жена којашто остварила одреден напредок во својата кариера во било која област, особено ако станува збор за успех во т.н. традиционално „машка“ област, вештачка синтагма, ќе се присети на оној за мене тивок, а неретко и гласен сомнеж во нејзините способности, ќе се соочи со скептицизам па и со осудувачки погледи на нашиот трнлив пат, наречен „професионален развој“ и замислете, сето тоа за да не биде гледана, перцепирана како жена претседател, жена војник, нема изгледа ни именка во женски род или жена генерал, туку единствено како личност на претседателската, војничката или генералската должност. Личности сме ние како и сите луѓе.
Искрено, кога ќе прочитам дека дел од нашите одбранбени сили се соочуваат со вакви предизвици и бариери, не само што го разбирам, туку јас добро го познавам тоа чувство.
Жалам што, за многу жени во одбраната, без оглед дали се дел од Министерството или од воените структури, вистинската борба не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за рамноправен статус, како борба за усогласување на професионалниот живот со семејните обврски, а за жал и борба понекогаш за еднакво вреднување на трудот и напредокот.
Почитувани,
Самопроценката, сама по себе, е чин на искреност кон себе, но и кон другите, на одговорност, на отчетност, но и на растеж и јас мислам дека не секој и секогаш е подготвен на тоа. Ние сме подготвени.
Таа не е брз поглед во огледалото, туку е длабока интроспекција, фокусирање на сржта на институцијата или организацијата на којашто ѝ припаѓаме и којашто ја сакаме и сакаме да ја негуваме.
Токму затоа, за мене Акцискиот план којшто произлегува од ваквата самопроценка има специфична тежина и има поинаква димензија – се темели на автентичното и интимно чувство на секој од нас за нашата улога во институцијата и ја одразува нашата искрена желба за нејзин развој и за нејзин раст.
Неспорно е дека не е доволно институционалната култура на инклузивност само да се регулира со закон, мислам дека институционалната култура мора да се живее. Родовите стереотипи се длабоко вкоренети и потребен е труд и личен пример за да се искоренат. Затоа јас сум денеска овде. Но, не е доволен ни личниот пример, туку е потребно нешто што јас честопати сум им го замерила на жените – солидарноста, женска солидарност, женско сестринство, да не зборуваме повеќе за „успешни мажи зад кои стојат добри жени“, туку успешни мажи и жени коишто чекорат заедно, свесни дека дискриминацијата еднакво ја чувствуваат, но не секогаш на иста основа, но со еднаков разорен ефект.
Затоа силината и важноста на овој момент лежат во нашата волја да се соочиме со сите предизвици заедно, и мажите и жените, а тоа го правиме, не заради некој надворешен фактор или заради убавата слика, небаре е Доријан Греј, туку затоа што така е правилно и така е добро.
Кога ги игнорираме или ги потценуваме способностите на луѓето заради нивниот пол, всушност ги ослабнуваме сопствените капацитети. Кога унапредувањата во која било област, па и во Армијата, се вршат врз основа на некои застарени претпоставки, тогаш буквално ги испуштаме од раце оние што можат да ја обликуваат иднината или ако сакате во најмала рака, да внесат нов и поинаков дух во начинот на управувањето и менаџирањето, односно во начинот на којшто се работи во овие институции.
Тука доаѓам до едно прашање на кое му посветувам особено внимание.
Иако денес жените се присутни во речиси секој армиски род, сепак се многу ретко или поретко, да бидам поумерена, присутни на раководна, водечка или командна улога. Го гледам началникот пред мене и знае колку сум досадна кога велам: чекам предлози за жени генерали. Оваа нерамнотежа испраќа една суптилна порака дека иако жените се прифатени како дел од Армијата или безбедносните структури, не секогаш се добредојдени и на врвот, токму како резултат на одредени застарени концепти, за мене налик на некакви бирократски Гордиеви јазли што мора да се пресечат со нови, современи решенија. Јас ветувам дека како претседателка ќе дадам сè од себе да помогнам во тој процес.
Почитувани припадници на Армијата,
Промовирањето на родовата еднаквост според мене не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување еднаков третман за сите. Ние мора да го израмниме патот и да отвориме простор за извонредност, без оглед на тоа од каде таа доаѓа. Јас уште во мојата кампања најавив дека имам амбиции за отворање на национален центар за извонредност и очекувам тука помош од нашата претставничка, заменичката во НАТО, Радмила Шекеринска, мислам дека може да ни помогне. Не станува збор за идеологија, туку за национална безбедност бидејќи Министерството за одбрана и вооружените сили, коишто целосно ја одразуваат различноста и ползуваат сечии вештини, сигурна сум дека ќе бидат сила подготвена за секоја мисија или предизвик во иднина.
На крај, би сакала да им честитам и да им заблагодарам на кои учествуваа во овој процес, да ги охрабрам да продолжат во истиот правец, со дела, а не само со зборови, вклучувајќи ме и мене. Начинот на којшто донесуваме одлуки, начинот на којшто правиме акциски планови и ги реализираме, е марш кон нашата иднина. Не велам маратон зошто имаме и друг маратон – евроинтеграциски. А, вие, одбравте вистински начин, свесни дека силата се гради со еднаквост, а јас сум убедена дека силната, правична и единствена Армија е темелот на секоја држава.