Турција ќе ги казнува патниците во авион што ќе ги откопчаат безбедносните појаси прерано по слетувањето на авионот и ќе станат од своите седишта.
Новиот закон исто така ќе се обиде да ги спречи патниците што сакаат да излезат пред другите патници во редовите напред, па затоа прерано се одврзуваат, ги земаат торбите и бргу излегуваат од авионот, дури и пред пилотот да даде сигнал за тоа.
Турските воздухопловни власти соопштија дека добиле поплаки за патници што се обидуваат да го заобиколат правилото, а инспекциите на летовите потврдија дека многумина не го почитуваат. Самиот закон не прецизира колку ќе биде казната, но турската телевизија „Халк“ објави дека таа ќе изнесува 2.603 лири, односно 60 евра.
Законите за воздухопловство во многу земји им забрануваат на патниците да ги откопчуваат безбедносните појаси додека е вклучен знакот за задолжително носење појас, но во пракса финансиски се казнуваат само оние што го нарушуваат јавниот ред или пушат во тоалетот. Новиот закон би можел да ги казни и оние што се туркаат кон излезот иако патниците пред нив сè уште не излегле.
Затоа на авиокомпаниите ќе им биде наложено да го дадат следново соопштение: Не станувајте, ниту одете по ходникот додека не дојде вашиот ред да го напуштите авионот. Авиокомпаниите што не ги спроведуваат овие закони исто така би можеле да бидат казнети./Извор:Makfax