Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на годишниот дијалог со ЕУ: Макроекономската стабилност е зајакната, но потребни се структурни реформи за одржлив раст

На редовниот економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и земјите партнерки од Западен Балкан, којшто се одржа во Брисел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, се осврна на клучните монетарни и финансиски аспекти поврзани со макроекономската состојба и реформските процеси во нашата економија. Таа нагласи дека, и покрај серијата економски и геополитички шокови во последните неколку години, успешно се зачува, па дури и зајакна макроекономската стабилност, којашто претставува темел за одржлив економски раст и постепено приближување на доходот кон просекот на Европската Унија. На дијалогот учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гувернерката нагласи дека иако процесот на конвергенција се засилува, тој сè уште се одвива бавно, при што доходот во нашата економија изнесува околу 43% од просекот на ЕУ. Како најотворена економија во регионот и економија со највисока енергетска зависност, инфлацискиот шок од светските пазари се пренесе со голема сила, по што инфлацијата се искачи до 20%. Сепак, благодарение на соодветната монетарна политика и стабилизацијата на цените на светските суровини, инфлацијата повторно е сведена блиску до историскиот просек од 2,6%, што е поддржано и од високата доверба на јавноста во централната банка – потврдено и во истражувањата на меѓународните финансиски институции. „Важен столб на стабилноста е одржувањето стабилен девизен курс, за што е потребно соодветно ниво на девизни резерви. И покрај силните притисоци и интервенции на девизниот пазар, резервите сега се повисоки за околу 40% во однос на претпандемичниот период, што е силна заштита од идни потенцијални шокови“, посочи гувернерката.

Покрај ова, финансиската стабилност е зајакната преку значителното зголемување на стапката на адекватност на капиталот, којашто е меѓу највисоките во регионот и ЕУ, како и преку целосната регулативна рамка за управување со кризи. Приклучувањето кон СЕПА претставува историски исчекор за банкарскиот систем и за целата економија.

Сепак, Ангеловска-Бежоска предупреди дека макроекономската стабилност не може да биде замена за суштинските структурни реформи, особено во сегашниот контекст на висока неизвесност и сѐ поголеми геополитички тензии. „Глобализацијата беше двигател на конвергенцијата на доходот и за нашиот регион. Нашите процени покажуваат дека деглобализацијата би можела да го намали растот и до 5 процентни поени, зависно од сценариото“, истакна таа. Во исто време, овие промени во светот отвораат и нови можности. Иако досега не се забележани значителни негативни ефекти, а странските директни инвестиции се зголемуваат и достигнуваат рекордно високо ниво, гувернерката посочи дека мора и натаму особено да се внимава на структурните слабости. „Во последните 15 години, растот на продуктивноста на Западен Балкан беше под 2% и главно не потекнуваше од иновациите, туку од прераспределбата на ресурсите. Тоа ја истакна потребата од повеќе иновации, технолошки напредок, но и зајакнување на институциите и деловната клима“, рече таа додавајќи дека и сега, и во иднина најважна ќе биде поддршката од европските и меѓународните финансиски институции.