Продолжуваат интензивните инспекциски контроли и увиди на терен во објектите на територијата на општина Битола. Акцентот пред се е ставен на образовните објекти, односно на градинките и училиштата, во насока на зголемување на безбедноста и континуираната грижа за најмладите, во заедничка соработка и консултација со Дирекцијата за заштита и спасување.
Во градинката во с. Бистрица, екипата на ДЗС констатираше одредени неправилности. Постапката треба да се спроведе и од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, кои ќе извршат увид на терен и ќе констатираат кои од понудените простории отстапени од страна на општина Битола, ги задоволуваат потребните стандарди и критериуми. До отстранувањето на неправилностите, децата се згрижени во градинката во с. Кравари.
Во с. Бистрица, во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ ќе се врши корекција на постоечкиот проект за реконструкција на предвидената спортска сала, по што активностите ќе продолжат. За ова училиште, во кое што се поставени и фотоволтаици, предвидено е зголемување на енергетската ефикасност, за што ќе се изработува и целосен проект. Проектот ќе ги опфаќа и дополнителни простории на училиштето.
Училиштето во с. Дихово, каде што исто така се констатирани одредени неправилности, до исполнувањето на потребните услови за настава е затворено, а 4 ученици од ова училиште одат на настава во најблиското училиште во с. Трново, за кои што е обезбеден превоз. За овој објект, ќе се изработува проектна документација за реконструкција.