Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Човекот на Трамп: Им поставивме ултиматум и на Путин и на Зеленски – преговарајте или си заминуваме

Американскиот претседател Доналд Трамп им постави ултиматум на Москва и на Киев: или набргу ќе има напредок во мировните преговори или САД ќе се повлечат од процесот – ова е она што неговиот специјален пратеник Стив Виткоф го изјави во интервју за „Брајтбарт њуз“.

„Претседателот им постави ултиматум на двете страни: ако нема директни преговори и ако тие не се случат многу набргу, тој верува дека Соединетите Американски Држави треба да се повлечат од овој конфликт – што и да значи тоа точно – и едноставно да престанат да бидат вклучени“, рече Виткоф во разговор снимен на 8 мај пред да почнат дискусиите за можни разговори на високо ниво во Турција на 15 мај.

Виткоф е една од клучните фигури во обидите на Трамп да посредува во мировните преговори меѓу Москва и Киев. Тој се сретна лично со рускиот претседател Владимир Путин, како и со украински и европски претставници.

Виткоф минатата недела за „Брајтбарт њуз“ изјави дека средбата меѓу претседателот Володимир Зеленски и Владимир Путин е целосно можна. Зеленски предложи средба со Путин на 15 мај во Истанбул – тоа ќе биде нивна прва средба од почетокот на целосната војна – и повика на безусловно примирје, што ќе почне на 12 мај. Москва го отфрли предлогот за примирје и средба меѓу двајцата лидери, но го поддржа почетокот на директните преговори оваа недела.

Според Виткоф, клучните теми на дискусија се: судбината на пет делумно или целосно окупирани украински региони, статусот на нуклеарната централа „Запорожје“ и пристапот на Украина до реката Днепар и Црното Море.

Русија моментно окупира речиси 20 проценти од територијата на Украина, вклучувајќи го целиот Кримски Полуостров, речиси целата Луганска област и големи делови од Донецката, Запорошката и од Херсонската област. Кремљ еднострано и нелегално ги прогласи овие територии за дел од Руската Федерација и инсистира на целосно повлекување на украинските сили од овие области како услов за постигнување мировен договор.

„Русија има контрола – огромна контрола – врз два од овие региони. Украинците имаат одреден степен на контрола врз другите три, па прашањето сега е како го проценуваме тоа – постои разлика помеѓу фронтовските линии, каде што се распоредени воените сили и административните граници“, рече Виткоф.

„Нуклеарната централа ‘Запорожје’ е важен дел од овие разговори бидејќи е еден вид скапоцен камен. Моментно е затворена, но треба повторно да се стави во функција бидејќи произведува голема количина електрична енергија што ги напојува градовите како Киев“, додаде тој.

Според извештаите, САД предложиле преземање на управувањето со нуклеарната централа „Запорожје“ под услов и Украина и Русија да продолжат да добиваат електрична енергија./Извор:Makfax