Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Моника Зајкова, шеф на Делегација, Халил Снопче и Никола Мицевски, членови на Делегацијата, учествуваше во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламенарните избори во Албанија, што се одржаа на 11 мај 2025 година.
Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на парламентарните избори во главниот град Тирана, како и во другите региони на Албанија. Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработуваа со колегите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) со цел да добијат повеќе информации за спроведување на парламентарни избори во земјата. Околу 100 краткорочни набљудувачи на ПС на ОБСЕ беа распоредени во Албанија за парламентарни избори на 11 мај 2025 година.
Набљудувачите беа темелно информирани од претставници на изборната администрација, граѓанското општество, кандидатите, партиските претставници и експертите за ситуацијата пред изборите, пред да одат во неколку региони на Албанија за набљудување на денот на изборите.
Изборите ќе се оценуваат според демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година. Прелиминарните наоди и заклучоци за изборите ќе бидат претставени на прес-конференција во Тирана на 12 мај.
Тимот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија ги набљудуваше изборите во различни делови на главниот град Тирана и околината каде што посетија околу десетина изборни места и поднесоа писмени извештаи за своите согледувања.
* Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.