Вчера, во просториите на Собранието на Република Северна Македонија, се одржа големото финале на „Electionville“ – едукативна и интерактивна игра која го симулира процесот на локално владеење и донесување одлуки.
Настанот беше организиран во соработка меѓу Амбасадата на Шведска, Делегацијата на Европската Унија, мрежата на Јуроп хаус и Собранието на Република Северна Македонија и претставуваше завршен сегмент на едномесечната програма за граѓанско образование и младински активизам.
„Electionville“ претставува симулациска едукативна игра која го прикажува функционирањето на локалната самоуправа преку донесување одлуки, распределба на буџети и поставување јавни политики. Играта се реализира на голема подна подлога, каде што учесниците – ученици од средното образование – се ставаат во улога на избрани претставници во советот на еден фиктивен град наречен „Electionville“. Преку оваа интерактивна игра, младите добиваат практично искуство од реални демократски процеси, како што се колективното донесување одлуки, преговарање, јавна дебата и преземање одговорност. Во рамките на програмата, активностите беа реализирани во шест града низ државата – Битола, Струга, Тетово, Велес, Крива Паланка и Струмица – каде што приближно 100 ученици, организирани во 24 тима, активно учествуваа во симулацијата. Победничките тимови од секој град беа поканети да го претставуваат својот град на големото финале во Скопје, кое се одржа токму во просториите на Собранието на Република Северна Македонија – институцијата каде што реално се носат клучните јавни одлуки. Во текот на финалето, шесте тима имаа задача да постават приоритети и да предложат решенија за предизвиците со кои се соочува нивниот „град“, а на крајот, за победник на „Electionville“ 2025 беше прогласен тимот од Струмица.
По завршувањето на играта, се одржа официјална церемонија на којашто се обратија високи претставници на институциите и дипломатскиот корпус. Амбасадорката на Шведска, г-ѓа Ами Ларсон Јаин, Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, г. Михалис Рокас, и г-ѓа Дафина Стојаноска, претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, им упатија инспиративни пораки на младите ученици, истакнувајќи ја важноста на граѓанската едукација, учеството и одговорноста во демократските процеси.
Во своето обраќање, г-ѓа Стојаноска нагласи: „Мојата порака до вас е да учите и да знаете да се изборите за вашата подобра иднина. Знаењето е вашето најсилно оружје кое никој не може да ви го одземе. Демократија е да се говори гласно, да се слуша внимателно и заеднички да се донесат одлуки за подобро утре за сите. Кога ќе ја изберете својата професија и кога ќе почнете да ја работите, бидете професионални и почитувајте ги законите.“ Г. Рокас ја нагласи активната улога на младите граѓани, истакнувајќи: „Да се биде граѓ