Според последните извештаи, најмалку 79 луѓе загинале, а 155 се повредени при уривање на покрив на ноќен клуб во главниот град на Доминиканската Република.
Меѓу загинатите е и популарен пејач, гувернерот на провинцијата и поранешен професионален бејзбол играч Октавио Дотел, соопштија властите.
Спасувачките екипи, користејќи тешка опрема, цел ден се обидуваат да извлечат преживеани од урнатините. Хуан Мануел Мендез, шеф на оперативниот центар за итни случаи на Доминиканската Република, претходно во вторникот изјави дека сè уште не го знае точниот број на луѓе во клубот во моментот на колапсот.
Локалните медиуми претходно проценија дека во моментот на трагедијата во клубот Џет сет биле присутни меѓу 500 и 1.000 луѓе. Несреќата се случила во вторникот околу 45 минути по полноќ за време на концертот на популарниот доминикански пејач Рубио Перез, кој е меѓу загинатите, според неговиот менаџер и членовите на семејството во близина на местото на настанот. На настанот присуствуваа политичари, спортисти и други истакнати личности.
Меѓу жртвите е Нелси Круз, гувернерка на северната провинција Монте Кристи, изјави претседателот Луис Абинадер. Круз беше сестра на поранешниот бејзбол играч Нелсон Круз, седумкратен MLB All-Star.
Во колапсот загинаа и поранешните МЛБ играчи, Октавио Дотел и Тони Бланко, потврдија локалните власти. Дотел почина на пат кон локалната болница откако беше извлечен од урнатините, изјави портпаролот на националното министерство за спорт.
Дотел (51) го имаше своето деби за Њујорк Мец во 1999 година и играше за повеќе од десетина тимови до 2013 година./Извор:Makfax