16. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Од „Ланд ровер“ до „Нинтендо“: сѐ повеќе компании ги запираат испораките во САД

Поради најновите тарифи наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, некои светски компании одлучија привремено да ја прекинат испораката на производи во САД.

Трамп минатата недела воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз, а некои земји се соочуваат со царини до 50 отсто. Многу производители се надеваат на договори за пониски стапки и одлучија да го замрзнат извозот додека не видат до каде одат трговските разговори.

„Јагуар Ланд ровер“ (JLR) објави дека ја паузира испораката на возила во САД бидејќи се обидува да го приспособи својот бизнис на новите царински барања. На сите странски автомобили им беше воведена царина од 25 отсто.

Таа е една од најголемите британски автомобилски компании, која само во третиот квартал на 2024 година извезла приближно 38.000 возила во САД – речиси исто колку на пазарите во Велика Британија и ЕУ заедно.

„САД се клучен пазар за луксузните брендови на JLR. Додека ги разработуваме плановите со деловните партнери, привремено ги запираме испораките во април“, соопшти компанијата.

„Нинтендо“, според The ​​Verge, ги стопира испораките на „Свич 2“ за американскиот пазар, иако конзолата е веќе достапна за нарачка однапред. Конзолата е произведена во Јапонија, која сега се соочува со царина од 24 проценти.

Во соопштението „Нинтендо“ рече дека испораките се одложуваат бидејќи компанијата „го проценува потенцијалното влијание на тарифите и променливите услови на пазарот“. „Свич 2“ треба официјално да биде лансиран во јуни.

Американската компанија „Бејзик фан“, која произведува играчки, изјави за „Њујорк пост“ дека ги запира пратките на сите свои играчки произведени во Кина.

Кина веќе се соочи со царина од 20 отсто, а минатата недела Трамп најави дополнителни 34 отсто и се закани со уште 50 отсто доколку Пекинг не ги повлече контрамерките. Теоретски, вкупната царина за кинески стоки може да се зголеми на 104 отсто.

„Не можам да ризикувам да испраќам стока што би можела да потпадне под високите царини што ги најавува претседателот“, рече директорот Џеј Форман./Извор:Makfax