Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц повторно ќе отпатуваат во Саудиска Арабија на разговори со руската делегација за прекин на огнот во руската војна против Украина, а разговорите ќе започнат в недела во Џеда, изјави специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф, неколку часа по телефонскиот разговор меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин.
Зборувајќи за Фокс њуз за предложениот прекин на огнот што ќе вклучува цели и мети на енергетската инфраструктура во Црното Море, Виткоф рече дека мисли оти Русија и Украина постигнале договор за овие прашања и се надева дека Украинците ќе се согласат со тоа, пишува Тајмс оф Израел.
Тој додаде дека „останува релативно мал чекор до целосно спроведување на прекинот на огнот“.
Сепак, Украина ја обвини Русија дека го отфрлила предлогот за прекин на огнот, наведувајќи дека по договорот со Русија за запирање на нападите врз енергетски цели, имало нови напади врз цивилната инфраструктура, додека Русија, пак, соопшти дека напад на украинско беспилотно летало предизвикал мал пожар во близина на селото Кавказскаја во Краснодарската област.
За време на 90-минутниот разговор со Трамп во вторникот, Путин и нареди на руската војска да ги запре нападите врз украинските енергетски цели на 30 дена.
Виткоф, сепак, повтори дека предложениот прекин на огнот вклучува „енергетски и инфраструктурни цели воопшто“ и го пофали Путин за неговата улога во напорите да се приближи Русија до постигнување конечен мир./Извор:Makfax