Владејачката ВМРО ДПМНЕ со сочуство по големата трагедија во дискотеката во Кочани, каде по избувнат пожар загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.
– Со длабока тага и неизмерна болка ја примивме веста за страшната трагедија во Кочани, во која згаснаа многу млади животи. Ова е еден од најтажните денови за Македонија. Во овие моменти на голема загуба, мислите и молитвите на целото членство на ВМРО-ДПМНЕ се со семејствата на загинатите, со нивните најблиски и со сите погодени од оваа катастрофа, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ по повод страотниот пожар во кој загинаа 59 млади лица, меѓу кои и малолетници.
– Ова е време кога Македонија мора да биде обединета во сочувство, солидарност и хуманост, наведуваат од ВМРО ДПМНЕ.
– Ги повикуваме сите надлежни институции да дејствуваат брзо и ефикасно, да обезбедат целосна помош за сите настрадани и да ги утврдат причините за оваа трагедија. Губењето на човечки животи никогаш не смее да остане без одговори и одговорност. Бог да биде со семејствата на жртвите, со повредените и со целиот македонски народ, велат од владејачката ВМРО ДПМНЕ.