Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото Уставен суд
МАКЕДОНИЈА

Институтот интерпелација во никој случај не може да се примени за уставните судии, тоа е упад во самостојноста велат од Уставниот суд

По медиумскиот интерес за став од Уставниот суд во врска со т.н. интерпелации на уставни судии, судот информира дека Уставот на Република Северна Македонија не предвидува никаква можност за разрешување уставен судија ниту од страна на законодавната ниту од извршната власт.

Уставниот суд како орган на Републиката, кој ги штити уставноста и законитоста, додаваат во соопштението, не подлежи на начелото на поделба на власта.

„Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки, акти и дејства.
Самостојноста и независноста на Уставниот суд и на уставните судии имаат најсилна уставна гаранција.
Уставот не му дозволува на Собранието на Република Северна Македонија со законски решенија на кој било начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии. Институтот интерпелација, предвиден во член 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н. уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд“.

Појаснуваат дека основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во член 111 од Уставот.

„Секоја постапка или дејство преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд.

Уставниот суд укажува, до сите државни органи, дека се должни да се придржуваат на со Устав утврдените надлежности бидејќи никој нема повеќе права од оние што Уставот му ги доделува. Секој е должен да ја унапредува уставната, правната и политичата култура како основи на едно демкратско општество. Секој е должен да го почитува Уставот“./Извор:Makfax