Денес, во Министерството за европски прашања се одржа панел-дискусија на тема „Методологија за проширување: Размена на ставови за концептот на постепена интеграција“, организирана од Амбасадата на Француската Република во Република Северна Македонија и Институтот Жак Делор, во соработка со Министерството за европски прашања на Северна Македонија.
Настанот беше отворен со поздравни обраќања од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер. Во своето излагање, министерот Муртезани ја истакна важноста на постепената интеграција како стратешки пристап што носи конкретни придобивки за земјите кандидатки уште во текот на пристапниот процес. Тој нагласи дека новата Методологија за проширување и Планот за раст за Западен Балкан ја засилуваат динамиката на процесот на пристапување преку јасни и структурирани чекори. Тој подвлече дека постепената интеграција претставува суштинска можност за зајакнување на политичките и економските врски меѓу Европската Унија и земјите аспиранти.
Муртезани исто така посочи дека регионалната соработка е клучен елемент на постепената интеграција, нагласувајќи ја улогата на Берлинскиот процес во унапредувањето на инфраструктурата, трговијата и енергетската транзиција. Тој потенцираше дека неодамнешните геополитички случувања ја зацврстуваат потребата од побрза и посуштинска интеграција на Западен Балкан во ЕУ. „ Неодамнешните геополитички случувања, особено руската инвазија врз Украина, уште повеќе ја засилија стратешката важност на проширувањето на ЕУ, нагласувајќи ја потребата за обединета и стабилна Европа.“, заклучи Муртезани.
По завршувањето на воведните излагања, следеше панел-дискусија со учество на експерти од областа на европската интеграција, кои ја анализираа примената на постепената интеграција во поширокиот контекст на европските проширувања.
Во продолжение следи интегралниот говор на министерот Муртезани:
Ваша Екселенцијо, Амбасадор Ле Риголер, почитувани панелисти, уважени колеги и почесни гости,
Со големо задоволство ви посакувам добредојде на оваа пригодна дискусија на тема „Методологија за проширување: Размена на ставови за концептот на постепена интеграција“. Денешнава дискусија е од големо значење бидејќи претставува можност да се истражи клучниот развој во пристапот на Европската Унија кон проширувањето, процес што директно влијае на Западниот Балкан и на иднината на регионот во Европската Унија. На самиот почеток, би сакал да изразам искрена благодарност до Амбасадата на Франција и Институтот Жак Делор за нивната соработка со Министерството за европски прашања на Северна Македонија при организирањето на овој настан.
Процесот на проширување на Европската Унија претрпе значителни промени, особено во нејзиниот пристап кон интеграцијата на новите земји членки. Концептот на постепена интеграција, воведен со новата Методологија за проширување, има за цел да го направи процесот на пристапување во ЕУ подинамичен, потранспарентен и посуштински за земјите кандидатки. Овој пристап, отсликан и во Преговарачката рамка и Планот за раст за Западен Балкан, ја нагласува посветеноста на ЕУ за јасен и структуриран пат кон напредокот.
Постепената интеграција не е само процедурално приспособување; таа претставува заложба за поттикнување на подлабоки политички и економски врски меѓу ЕУ и земјите аспиранти. Поврзувањето на интеграцијата со конкретни реформи, осигурува дека земјите кандидатки не само што ги усвојуваат стандардите на ЕУ, туку и придонесуваат за колективно зајакнување на Унијата. Планот за раст, како дел од ревидираната методологија, им овозможува на земјите кандидатки ран пристап до одредени политики и придобивки на ЕУ, што служи како поттик за постигнување одржливи реформи и покажува дека напредокот води до вистински подобрувања за граѓаните.
За Северна Македонија, овој модел овозможува пристап до ресурсите и програмите на ЕУ, дури и кога продолжуваме со спроведување на неопходните реформи. Тоа ја одразува волјата на ЕУ да ги признае и награди напорите, истовремено осигурувајќи дека тие водат кон одржлива промена. Особено важен пример е вклучувањето на земјите кандидатки во програмите на ЕУ пред полноправното членство, како и учеството во Хоризонт Европа и Еразмус+, што поттикнува подлабока соработка со директни придобивки за нашите граѓани и економијата.
Регионалната соработка е уште еден елемент од витално значење за постепената интеграција. Иницијативите како Берлинскиот процес покажуваат на кој начин Западен Балкан се справува со заедничките предизвици, вклучувајќи развој на инфраструктурата, олеснување на трговијата и енергетската транзиција. Со поддршката на ЕУ за ваквата соработка се нагласува дека постепената интеграција е од заемна корист и за Унијата и за земјите кандидатки.
Сепак, патот кон членството во ЕУ не е без предизвици. Брзината на интеграцијата зависи од политичката волја, институционалниот капацитет и усогласеноста со критериумите на ЕУ. Неодамнешните геополитички случувања, особено руската инвазија врз Украина, уште повеќе ја засилија стратешката важност на проширувањето на ЕУ, нагласувајќи ја потребата за обединета и стабилна Европа.
Во овој контекст, постепената интеграција обезбедува флексибилен пристап, кој овозможува земјите кандидатки како Северна Македонија, да напредуваат со реално темпо, додека ги зајакнуваат институциите, владеењето на правото и доброто управување. Овој пристап ја збогатува Европската Унија со различни перспективи и поттикнува подлабока интеграција.
Како резултат на денешнава дискусија, уверен сум дека нашите заеднички напори ќе придонесат процесот на пристапување во ЕУ да стане поинклузивен и поактивен, носејќи видливи придобивки за граѓаните и обезбедувајќи трајна стабилност и просперитет за регионот.