Членови на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентите на балтичките земји – Република Естонија, Република Латвија и Република Литванија остварија средба со амбасадорката на Литванија во Скопје, Вилма Дамбраускиене, во пресрет на возвратната посета на собраниска делегација на Вилнус, во почетокот на есента.
Претседателката на ПГ за соработка со Парламентот на Литванија, Моника Зајкова, изрази задоволство за отворањето на Канцеларијата на литванската амбасада во Скопје и ја поздрави можноста за размена на искуства со оваа балтичка држава.
Соговорниците се согласија дека Северна Македонија и Литванија, кои годинава одбележуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи, во континуитет негуваат добри билатерални релации, кои треба да се продлабочуваат во повеќе области, како и во делот на парламентарната соработка.
На средбата присуствуваа и пратениците Халил Снопче, Јованка Тренчевска и Велика Стојкова Серафимовска, кои се вклучија во дискусијата со амбасадорката Дамбраускиене. Притоа беа разменети мислења за застапеноста на жените во Собранието на Северна Македонија и на лидерски позиции во другите институции, како и за политиките на Литванија во областа на дигитализацијата, образованието и младите, социјалната заштита и човековите права.
Соговорниците, исто така, разговараа и за регионалната соработка меѓу балтичките земји, како и за политиките во однос на дијаспората.