Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Примопредавање на должност командант на Командата за операции

Денес во касарната „Боро Менков“ во Куманово се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на Командата за операции (КО). Врз основа на Укази на претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, должноста командант на КО од бригаден генерал Бесник Емини ја прими бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.

Бригадниот генерал Ѓоргоски досега ја извршуваше должноста началник на штаб во Командата за операции, а отсега ќе раководи со најголемата оперативна команда во Армијата на Република Северна Македонија, додека бригадниот генерал Бесник Емини кој беше на оваа должност од јуни 2021 година, во иднина ќе ја извршува должноста државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.

Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, истакна да се биде на чело на оваа команда, која го зазема најважното место во одбраната на суверенитетот и интегритетот на татковината, е вистински предизвик, огромна привилегија и чест, но и огромна одговорност. На досегашниот командант му изрази благодарност за неговото посветено и професионално командување и раководење со КО, истовремено изразувајќи уверување дека новопоставениот командант со своето искуство и војничка кариера ќе продолжи со успех да ја води КО.

Генералот Емини во својот говор изрази благодарност до припадниците на КО за нивниот висок професионализам, труд, залагање и резултати, кои го направија да биде горд командант. Генералот изрази и благодарност за досегашната професионална соработка до Генералштабот на Армијата, Министерството за одбрана, акредитираните аташеи на НАТО земјите и Канцеларијата за одбранбена соработка на САД. Обраќајќи се до припадниците на КО им порача да продолжат со успешно извршување на нивните обврски и задачи бидејќи само со чесна посветеност, личен интегритет и храброст можат успешно да придонесат во градењето на ликот на современ воин на нашата Армија.

Новопоставениот командант, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, во своето обраќање изрази благодарност за довербата која му е дадена да командува со КО. На досегашниот командант му оддаде признание за покажаното лидерство, умешноста во командувањето и пренесувањето на искуството на помладите со кои имал повеќе пати непосредна соработка во текот на досегашното работење. Генералот Ѓоргоски во своето обраќање најави дел од приоритетните задачи кои што следуваат, вклучително и модернизацијата на Армијата, која е најголема во историјата на нашата Армија и бара максимално ангажирање, а при која ќе го употреби сиот свој капацитет и знаење.

На денешната свеченост покрај началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, генерали во Армијата, пензионирани генерали, поранешни команданти на КО, командантот на Мултинационалната бригада на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), воено-дипломатскиот кор, градоначалници од зоната на одговорност, претставници од локалната самоуправа и останати гости.