Секогаш уживав да се занимавам со политика и ми беше големо задоволство да и служам на мојата земја. Сепак, по десет години во владата, мило ми е што сега работам нешто друго, коментира Себастијан Курц за претходните шпекулации дека би можел да се врати на чело на Австриската народна партија (ОВП).
„Политичко чудо“, како што некогаш го нарекуваа откако стана министер за надворешни работи на 27 години, а канцелар на 31 година, во интервју за „Политика“ вели дека е презадоволен од својот сегашен живот и е благодарен за начинот на кој се развиваат неговите компании и дека не планира да се врати во политиката.
На прашањето, дали е подобро Австрија, како воено неутрална земја, да го следи проевропскиот курс на западните соседи: Германија, или суверенистичкиот пристап на нејзините источни соседи, Унгарија, во светлината на новите геополитички промени Курц вели дека воената неутралност е многу важна за Австрија.
„Ние не сме членка на НАТО, но сме дел од Европската Унија. Во светлината на новите геополитички случувања, ЕУ мора да преземе посилна улога во глобалните работи. За ова, покрај економската сила, неопходна е и воена сила. Соединетите Американски Држави се најважниот трговски партнер на Европа, и обратно, ни ние не сме безначајни за нив. Двете страни имаат силен интерес за економска соработка и Трамп многу добро го знае тоа. Различните позиции во врска со војната во Украина повторно предизвикаа тензии во последните недели. Сепак, за разлика од другите, ова не го гледам како прекин меѓу две глобални сили. Со Доналд Трамп како претседател, неизбежен прекин на огнот изгледа поверојатно отколку претходно со Бајден.
Со оглед на тоа што лично познавате многу од актуелните европски претседатели и премиери, како мислите дека тие ќе се однесуваат во новите геополитички околности?
Сè уште сум во редовен контакт со колегите од времето кога бев во политиката, како и со актуелните политичари. Мојот впечаток е дека постои широк консензус дека Европа мора да игра посилна улога во глобалните прашања. Ако има некој позитивен аспект од сегашната тешка геополитичка ситуација, тоа е дека Европската унија стана пообединета.
Бевте најмладиот шеф на влада во историјата на ЕУ, но се повлековте од политиката на 35 години. Дали тој метеорски пораст сега ви изгледа како сон што се случил прерано?
Честопати не можете сами да го изберете тајмингот. Факт е дека бев многу млад кога на 24 години станав државен секретар за интеграции. Првично, не ни сакав да ја прифатам улогата. Беше тежок период бидејќи медиумите ме критикуваа дека сум премногу млад. За среќа, по неколку месеци тие критики исчезнаа бидејќи јас и мојот тим почнавме да постигнуваме успеси со напорна работа. Оттогаш, сè стана полесно. На моето време поминато во политика гледам многу позитивно./Извор:Makfax